Мобилното огласување е во пораст. (eMarketer предвидува дека мобилните реклами ќе генерираат 70 милијарди долари само во САД оваа година, споредено со 47 милијарди долари во 2016 година). Но, рекламите често пати се натрупани во мали кутии и формати на огласи кои се расфрлаат по веб-сајтовите, па во некои случаи, огласувачите се свртуваат кон лукави и измамнички трикови за да ги поттикнат луѓето да кликнат.
Десетина теми на Reddit се посветени на откривање такви тактики. Така, пред неколку недели, се појави слика од мобилен банер на Chatmost и почна да се шири на Twitter и Reddit, бидејќи рекламата вклучуваше мала точка која изгледаше како дамка на екранот, поттикнувајќи ги корисниците да го допрат екранот со прстот и на тој начин да кликнат на рекламата.
Chatmost, секако, не е единствениот бренд кој користи лукави мобилни реклами. Новинарите на магазинот Adweek го “прочешлаа“ Reddit и избира четири такви мобилни реклами, а потоа побараа од креативниот директор на BBDO Њујорк, Том Маркхам, да ги прокоментира рекламите и искрено да каже дали и него може да го излажат да кликне на рекламите.
- Банер рекламата за Chatmost
Трик: Поставување на кафеав пиксел на светло-розова позадина за да изгледа како прашинка на екранот.
Дали функционира: Да
“Изгледа навистина убедливо”, вели Маркхам. “Поради начинот на кој темната боја отскокнува од розовата позадина … тоа навистина изгледа како дамка на екранот. Во таа смисла, тоа е прилично генијално, но генијално зло. “
Сепак, треба да се забележи дека рекламата е ефикасна во тоа да ги наведе потрошувачите да кликнат на екранот, но не е толку ефикасна да ги наведе да направат нешто друго, вели Маркхам. “Ако ве плаќаат по остварен клик на ваков банер, одлично е да се направи нешто вакво, но, ако сте платени за да обезбедите продажба или некоја друга значајна интеракција со вашиот бренд, тогаш ова е многу негативна работа “.
- Instagram Stories рекламата за кинескиот производител на обувки Kaiwei Ni
Трик: Поставување крива линија во средината на сликата да изгледа како влакно. И тука целта е да се поттикнат потрошувачите да го допрат екранот и да кликнат.
Дали функционира: Да
“Ова е брилијантно на еден многу циничен начин, ако “кликнувањето“ е единственото за што се грижите”, вели Маркхам. Додава дека иако ова може да биде измамнички, рекламата не ги крши законите. “Сè друго е во ред – тие само додадоа крива линија, што не е нелегално”.
Без оглед на тоа, рекламата не ги поминала стандардите на Instagram. Според пишувањето на The Verge, рекламата ги прекршила политиките на Instagram и била отстранета, а Instagram го исклучи и профилот на овај бренд.
- Генерички рекламен банер кој прикажува икона со непрочитана порака
Трик: Користење на икона за нов е-маил со цел корисниците да кликнат на небрендирана реклама
Дали функционира: Не
“Тоа би требало да биде нелегално”, вели Маркхам. “Тоа се појавува веќе извесно време, поп-ап прозорци кои имитираат нотификација и се обидуваат да го копираат тој стил, па мислите дека вашиот компјутер ви кажува дека треба да дејствувате (кон нешто). Ова е истото … тоа е копирање (на корисничкото искуство), за кое сте навикнале да бидете возбудени и се обидува да ве измами “.
- Реклама во мобилната игра WWE Champions која води кон линк за превземање на апликацијата
Трик: Единствен начин да излезете од рекламата е да кликнете на лажниот „X“ во горниот десен агол на екранот, кој е всушност линк за превземање на апликацијата
Дали функционира: Да
“Имам мали деца кои користат iPad-и и ова ме полудува. Со некои од рекламите е неизбежно да се соочите како би ги користиле игрите и самите апликации… “, вели Маркхам. “Има толку многу реклами со овие лажни копчиња за затворање. И тоа е проблемот: тие се ефективни само ако вашата единствена намера е да добиете еден клик. “
извор: Adweek