Денови на комуникациите во фокусот на програмата го ставаат и прашањето за квалитетот на комуникацијата во дигиталната ера, со увиди од меѓународно призната експертка за „копирајтинг“ и едукаторка
Во свет во кој публиката секојдневно е изложена на илјадници пораки, вниманието станува сè пократко, а скепсата сè поголема. Пораките можат да бидат гласни, атрактивни и технички оптимизирани, но без јасност и автентичност ретко оставаат вистинска трага. Токму за таа разлика – меѓу комуникацијата што само се обидува да продава и онаа што долгорочно гради бренд – ќе говори Алекс Катони на фестивалот Денови на комуникациите, кој од 7 до 10 мај ќе се одржи во Ровињ, Хрватска.
Катони е име што во меѓународните кругови на копирајтингот се издвојува како синоним за стратешки и одговорен пристап кон онлајн комуникацијата. Таа се профилираше како авторитет во областа на копирајтингот кој комуникацијата ја третира како стратешка алатка, а не како украс на кампањата. Како основачка на платформата The Copy Posse, создаде заедница од повеќе од половина милион маркетинг-стручњаци, креативци и претприемачи, градејќи едукативен систем што ја става прецизноста на пораката пред продажниот притисок. Во средиштето на нејзиниот пристап стои едноставна, но јасна теза: пораката мора да има став, јасност и вредност – само така може да даде вистински резултат.
Нејзината кариера се оформуваше во компанијата Mindvalley, каде што како креативна директорка учествуваше во кампањи што придонесоа за значителен раст на приходите. Подоцна, преку сопствени проекти и лансирање на повеќемилионски брендови, дополнително го зацврсти својот професионален кредибилитет. Copy Posse денес е меѓународно препознаена платформа за едукација на копирајтери, додека нејзината работа ја истакнаа Forbes и Foundr, а DigitalMarketer во 2022 година ја прогласи за „Дигитален маркетер на годината“ – признание што го потврдува нејзиното влијание врз глобалната маркетинг-сцена.
На фестивалот Денови на комуникациите, Алекс Катони ќе го претстави „The REPEL Method“ – систем за создавање пораки што ја привлекуваат вистинската публика и истовремено јасно ги филтрираат оние на кои брендот не им е наменет. Поаѓајќи од примери на силни „subject line“-ови, наслови и „tagline“-ови што ја менуваат перцепцијата и поттикнуваат одлука за купување, таа ќе покаже што ја прави комуникацијата навистина ефективна. Преку анализа на реални примери од комуникацијата на големи брендови ќе објасни како да се изберат посилни глаголи, да се отстранат излишните зборови, да се заземе јасен и храбар комуникациски агол и прецизно да се артикулира вредноста на понудата – објаснувајќи притоа што го прави ветувањето убедливо, насловот привлечен, а пораката вредна за паметење.
На главната сцена, Катони ќе им се придружи на Јирген Шмидхубер, неконвенционален професор и еден од пионерите на модерната вештачка интелигенција; Џули Супан, елитна бренд-стратегинка која ги постави темелите на брендовите YouTube, Airbnb, Dropbox, Reddit и Discord; Марк Полард, еден од највлијателните стратези на денешницата; Крис До, креативен ментор познат по редефинирањето на начинот на кој креативците го позиционираат и наплатуваат својот труд; Стив Келер, човекот што звукот го претвора во стратешко оружје на брендовите; како и Нил Пател, експерт за дигитален маркетинг и раст. Со тоа дополнително се потврдува позицијата на Денови на комуникациите како место каде се среќаваат идеи што долгорочно ја обликуваат индустријата.
И оваа година, Денови на комуникациите во Ровињ носат глобални перспективи и конкретни знаења – на место каде се среќава индустријата што бара повеќе од инспирација. Повеќе информации се достапни на www.danikomunikacija.com.

















