Американската маркетинг групација Omnicom соопшти дека нејзиниот долгогодишен извршен потпретседател, Питер Шерман, донел одлука да ја напушти компанијата за да стане редовен професор на додипломски студии по маркетинг и комуникации на некој високо-рангиран универзитет.
Шерман беше назначен за извршен потпретседател на Omincom во 2014 година, задолжен за поттикнување на интеграција, иновации и раст кај најголемите глобални клиенти на компанијата. Оттогаш, тој работел низ сите агенциски мрежи на Omnicom за да обезбеди решенија насочени кон клиентите и нов деловен успех.
Пред неговата корпоративна улога, Шерман поминал 17 години во агенцијата BBDO која е дел од групацијата на Omnicom. Како извршен потпретседател и управен директор на BBDO Europe, тој водел 35 канцеларии во 18 земји низ Европа.
„Моето време во Omnicom беше дефинирано од неверојатни тимови, поединци и култура што го направи најдоброто место на кое можев да се надевам дека ќе поминам 25 години. Во текот на мојот мандат, од прва рака видов како Omnicom ги развива своите услуги и структури во индустрија која постојано се менува и јас сум горд на мојот придонес во таа еволуција. Ќе ја напуштам компанијата на висока нота на крајот на оваа година и со нетрпение очекувам да го споделам моето искуство со следната генерација како едукатор“ – истакнува Питер Шерман.
Како дел од планираната транзиција на Шерман, Omnicom ќе идентификува нова структура и група на лидери кои ќе се прошират на основата што тој помогнал да се изгради. Овие новости ќе бидат споделени во наредните недели.