Од британската франшиза на глобалниот пица-бренд Domino’s сакаат да бидат целосно подготвени за очекуваниот пораст на побарувачката оваа зима, предизвикана од комбинацијата на Светското фудбалско првенство и Божиќните празници.
Во пресрет на Светското фудбалско првенство кое започнува во Катар на 20 ноември, од Domino’s планираат да ангажираат дополнителни 10.000 работници, вклучувајќи возачи, продавачи и пица-мајстори, за да се осигураат дека се подготвени да одговорат на порастот на побарувачката.
Со таа цел, брендот објави и промотивен спот насловен “Pitch Perfect” кој прикажува работници на Domino’s кои пеат преработени навивачки песни со тематика на пица. Во спотот се појавува и фудбалерката Луси Бронз, која беше дел од европскиот шампионски тим на женската фудбалска репрезентација на Англија, а порано работела токму во Domino’s.
Свесни за кризата во регрутирањето работници во угостителскиот сектор, од Domino’s се одлучија да ги таргетираат луѓето кои се подготвени да преземат втора работа за да ги поддржат своите финансии во услови на зголемена инфлација.
Генералната маркетинг директорка во Domino’s Pizza Group за Обединетото Кралство, Сара Барон, истакнува: „Ни претстојат два епски моменти кога меѓународниот фудбал нé води директно во нашата празнична сезона, при што проценуваме дека нашите продавници ќе направат околу 10 милиони пици. Регрутирањето е предизвик за многу бизниси во моментов, особено во угостителската индустрија. Имаме доволно среќа да имаме бренд што луѓето веќе го знаат и го сакаат, и сакавме да ја искористиме моќта на нашиот бренд за да им се допаднеме на луѓето кои можеби размислуваат за работа во Domino’s – објавувајќи дека вработуваме за нови улоги на еден свеж, креативен начин.“
Кампањата е создадена со помош на комуникациската агенција One Green Bean.