Home » Во фокусот » Една поинаква Божиќна реклама од Црвениот крст

Една поинаква Божиќна реклама од Црвениот крст

Агенцијата adam&eveDDB ги „преврти“ нормите на празничната сезона со кампања која има за цел да ја подигне свеста на луѓето за напорите кои ги прави Интернационалниот комитет на Црвениот крст за повторно обединување на изгубени лица со нивните фамилии ширум светот.

Скоро двеминутниот филм, насловен „Подарокот кој Дедо Мраз не може да го испорача“, е во режија на Гери Фридман од продукциската компанија Independent.

Спотот нагласува дека мнозинството од децата Божиќ го чекаат со радост – време за шарени светла, попустливи роднини и секако, Дедо Мраз со својата торба подароци. Но, за стотици деца кои се одвоени од своите семејства поради војна, миграција или природна непогода, животот е многу поразличен од овој идеал.

Во амбиент на воена зона, спотот ја раскажува приказната на едно девојче одвоено од својата фамилија поради конфликт. Сé што сака за Божиќ е да биде повторно заедно со нив. Наративот потоа го следи Дедо Мраз како се движи низ воената зона во обид да ја оствари нејзината Божиќна желба.

Рекламата ја истакнува хуманитарната работа на Интернационалниот комитет на Црвениот крст за повторно обединување на изгубените лица со нивните фамилии насекаде низ светот – моментално бара повеќе од 100,000 лица кои се одвоени од своите семејства поради конфликт или насилство.

Кампањата беше лансирана на 26 ноември и ќе трае до 31 декември во Обединетото Кралство, Франција, Германија, Русија, Шпанија, Португалија, САД, Канада, Бразил, Аргентина и Перу.

Џени Смаут, менаџер за комуникации во Интернационалниот комитет на Црвениот крст, изјави: „Ние обединуваме раздвоени фамилии веќе 150 години и тоа е една од најважните работи кои ги правиме. Воодушевени сме што повторно работиме со adam&eveDDB – агенцијата која го издигна Божиќниот адвертајзинг на едно повисоко ниво во Обединетото Кралство – со цел да ја подигнеме свеста кај луѓето за оваа важна работа додека ги минуваме празничните денови со нашите семејства. Ни се допадна начинот како ги „превртија“ постоечките норми за празничните кампањи кои ги гледаме од брендовите, со цел да нé потсетат на илјадниците семејства ширум светот кои се раздвоени поради конфликт, миграција или природни катастрофи.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365