Белоруските власти забранија емитување на европската телевизија Euronews, што критичарите на Александар Лукашенко сметаат дека претставува цензура.
„Министерството за информации ја исклучи странската телевизиска програма Euronews“, беше објавено од Минск. Се додава дека телевизијата со седиште во Франција ќе биде заменета со руска програма за Втората светска војна.
Лиценцата за емитување на програмата не е обновена поради реклами што се емитуваат на англиски јазик, наместо да бидат преведени на руски или белоруски јазик, изјави за РИА Новости портпаролот на белоруското министерство.
Забраната се надоврзува на „очајната состојба во која се наоѓаат независните медиуми во Белорусија“, вели Алеш Бијалиацки, кој е на чело на белоруската невладина организација Вијасна.
Телевизијата, која, како што истакна, им понуди на гледачите можност да се запознаат со „настаните во Европа“, е заменета со „пропаганден канал. Белорусија паѓа во информациона изолација и тоа го сака режимот“, додаде тој.
„За среќа, влијанието на интернетот е многу големо во земјата, но очигледно ова е обид да се ограничи пристапот до информации“, напиша на Твитер белоруската независна новинарка и аналитичарка Хана Лиубакова.
Масовните протести во врска со реизборот на претседателот Александар Лукашенко ја потресоа Белорусија во 2020 година, но властите ги задушија демонстрациите по што почнаа да ги гушат независните медиуми, апсејќи новинари.