Некои од најпознатите ликови од раните денови на интернетот повторно се враќаат на сцената, овојпат за да ги поттикнат корисниците да му се вратат на Firefox. Со кампањата “Come Back to Firefox”, независниот прелистувач на Mozilla ги обединува ѕвездите на некогашните вирални видеа и интернет-мимови, испраќајќи едноставна порака: интернетот што некогаш го сакавме сè уште постои, а Firefox е најлесниот начин повторно да го откриеме.
Во кампањата се појавуваат добро познати интернет-ликови како “Numa Numa Guy”, “Bad Luck Brian”, “Overly Attached Girlfriend”, Кели од “Shoes”, “Where the Hell Is Matt?”, “Annoying Orange”, “Apparently Kid”, “Tay Zonday”, “Chuck Testa”, “Success Kid” и “Evolution of Dance”. Секој од нив, со препознатливиот хумор што ги прослави, се осврнува на некоја од фрустрациите со кои корисниците се соочуваат на современиот интернет.
Кампањата е наменета првенствено за луѓето што порано го користеле Firefox, но со текот на времето преминале на други прелистувачи. Преку внимателно реконструирани сцени, изгледи и амбиенти од оригиналните видеа, познатите интернет-личности се враќаат на местата од кои започнала нивната популарност.
Иако се потпира на носталгијата, кампањата се осврнува и на актуелните прашања поврзани со користењето на интернетот, вклучувајќи го следењето на корисниците и сè поголемото влијание на вештачката интелигенција. Firefox ја истакнува својата посветеност на приватноста и на поголемата контрола на корисниците врз нивното онлајн-искуство, како и на пристапот што ги става луѓето пред профитот – вредности што го разликуваат од големите технолошки компании.
Ова е една од најамбициозните кампањи на Firefox досега, а нејзината порака е дека има добра причина поранешните корисници повторно да му дадат шанса на прелистувачот. Наместо само да се потсетува на минатото, “Come Back to Firefox” го користи духот на раниот интернет за да отвори разговор за тоа каков интернет сакаме денес: поприватен, поконтролиран од самите корисници и помалку подреден на интересите на големите технолошки компании.
Кампањата ја осмисли независната агенција We Believers, а ја реализираа режисерскиот колектив Sunny Sixteen и продукциската куќа nobodys.













