Франција, вториот најголем светски производител на вино, во 2026 година се соочува со најниско ниво на производство од почетокот на векот како последица на екстремните жештини и сушата. Според најновите прогнози на француското Министерство за земјоделство, се очекува вкупниот принос да изнесува 34,9 милиони хектолитри вино, што претставува пад од 14 проценти во споредба со петгодишниот просек.
Најновата проценка од 34,9 милиони хектолитри е за нијанса подобра во однос на септемвриските предвидувања, кога се очекуваа 33,9 милиони хектолитри, благодарение на подобрите резултати од очекуваните во најголемиот производствен регион Лангдок-Русијон. Сепак, оваа бројка покажува дополнителен пад од два проценти во споредба со веќе слабата претходна година, додека во однос на просекот за периодот од 2021 до 2025 година е пониска за 14 проценти.

Од француското Министерство за земјоделство истакнуваат дека „падот на производството произлегува од намалените површини под лозови насади и од пониските приноси поради сушата и интензивните летни жештини“. Од министерството исто така наведуваат дека „сепак, и понатаму се присутни значителни разлики меѓу лозарските региони. Некои трпат големи загуби, додека во други приносот е поголем од претходната година“.
Ситуацијата драстично варира во зависност од регионот. Во Шампањ бербата заврши уште во почетокот на септември, што е најрано откако се евидентираат податоците, а производството се преполови во споредба со претходната година и петгодишниот просек поради мраз, град, суша и жештина. Пад на производството е забележан и во регионите Бургундија-Божоле, Лоара, Шарант и Јура, како и во југоисточниот дел на Франција. Во Елзас производството е нешто послабо од минатата година, додека во Савоја резултатите се задоволувачки.
Од друга страна, во регионот Лангдок-Русијон состојбата се подобри благодарение на дождовите на крајот од летото, па сега се предвидува производството да биде за два проценти повисоко од петгодишниот просек. Во Бордо производството се зголеми за 10 проценти во споредба со минатогодишната катастрофална берба, но и понатаму е за 11 проценти под просекот, со оглед на тоа што лозарите, соочени со пад на потрошувачката, искршија дел од своите лозови насади.
Француското земјоделство претрпе сериозни штети поради рекордните топлотни бранови и недоволните врнежи од дожд во текот на летото. Поради овие причини, француската влада во септември објави пакет итна помош за земјоделците во вредност од над една милијарда евра.
Намалувањето на производството на вино кај еден од водечките светски производители директно влијае врз синџирите на снабдување, глобалната дистрибуција и ценовните стратегии во FMCG и retail секторот.













