По децении тивка, но упорна борба за идентитет, жителите на Ѓорче Петров конечно ја дочекаа својата „историска правда“ – сопствени регистарски таблици!
Од денеска на улиците веќе ќе можат да се забележат првите возила со новата ознака: GjP ХХХХ RE – симболично, гордо и според локалците „одамна заслужено“.
„Ова не е само таблица, ова е став“, изјави еден повозрасен жител додека внимателно ја гланцаше својата нова регистарска ознака. „Цел живот ни ставаа SK, а ние знаеме дека не сме од Скопје. Ние сме од Ѓорче.“
Иако формално дел од Скопје, Ѓорче Петров одамна функционира како посебен „ментален остров“.
Со свој ритам, свои приказни и свој специфичен локален хумор, општината градеше идентитет кој сега, конечно, добива и официјална визуелна форма.
Според неофицијални информации, идејата за новите таблици потекнува од „иницијатива од самиот терен“ највокално секојдневно презентирана во популарната културна установа “Петар Пан – Кај Миле” во близина на пазарот во Ѓорче, каде граѓаните повеќе не сакале да објаснуваат „од каде се точно“ кога на чорба им доаѓале скопјани од Тафталиџе и околните населби кои не мрднале подалеку од Форца.
Маркетинг експертите со кои се дружи авторот на овој текст (ресенчанец, скоро доселен во Ѓорче, брзо интегриран пред постиве во локалниот културен живот од своите другари изворни Ѓорчепетровци) веќе ја анализираат оваа појава како редок пример на „bottom-up брендирање“, каде идентитетот не се гради преку кампања, туку преку став, англиски популарно кажано attitude.
„Ова е чист и силен branding“, велат експертите од индустријата. „Има јасна диференцијација, силен емоционален капитал и community ownership. Малку кој бренд (со исклучок на Вевчани, Чаир и Кока-Кола) го има тоа.“ Нема официјална кампања, нема медија план. Самите луѓе ја шират приказната, што би рекле ние “Organic reach на максимум”
„Ако не си од Ѓорче, не можеш да разбереш“ – тоа е тој класичен tribal маркетинг механизам што гради силна внатрешна заедница и уште посилна надворешна перцепција. Регистарската таблица станува ново „лого“ – мобилна, видлива и постојано присутна во јавниот простор околу пољана во Хром, пазарот, кружниот и накај Волково. Практично, секој ѓорчепетровски автомобил сега станува подвижен билборд! Нека ни е честито!
*НАПОМЕНА: Овој текст е во духот на 1 април – денот кога и најдобрите идеи звучат реално!
Таблиците не се реални… ама чувството на блага насмевка е 😄 Ова е пример за 1st April content activation со висок organic reach 😉 пошто ни требаат плус импресии периодов пошто све тапа вести од маркетинг индустријава, па и да Ве насмееме малку, можи ќе падни некој банер пред празнициве.
Априлилили!

















