Луксузниот моден бренд Gucci веќе некое време активно го шири своето присуство во „метаверзумот“. Претходно, брендот го лансираше Vault, експериментален онлајн простор во кој се продаваат и незаменливи токени, но исто така го создаде виртуелниот простор за собирање и дружење Gucci Town.
Но, компанијата не планира да остане само на тоа. Доказ за нивните амбиции во виртуелниот свет е и неодамнешното назначување на Роберт Трифус како генерален извршен директор за Gucci Vault и сите останати метаверзумски потфати, заменувајќи го Николас Одинот кој досега беше задолжен за водењето на Gucci Vault.
Назначувањето на Роберт Трифус, кое стапува на сила на 1 ноември, отвора нова лидерска позиција посветена само на создавањето искуства во Web3. Овој директор ќе биде задолжен да ги дефинира и прошири метаверзумските и гејминг стратегии на Gucci, покрај водењето на експерименталниот дигитален простор Vault.
Раководењето со метаверзумските активности претставува дополнителен ангажман за Роберт Трифус, кој во моментот истовремено ја извршува и функција постар потпретседател и постар извршен потпретседател за корпоративна и бренд стратегија на Gucci. Како директор за метаверзумот, Трифус за својата работа ќе одговора пред претседателот и генерален извршен директор на Gucci, Марко Бизари.
Трифус се приклучил на компанијата во 2008 година како глобален директор за маркетинг и комуникации, потоа станувајќи извршен потпретседател и генерален маркетинг директор во 2012 и извршен потпретседател за брендот и односите со клиентите во 2018 година.
Во развојот на метаверзумските потфати на Gucci, тој ќе биде потпомогнат од Микаел Бариларо, како потпретседател за метаверзумски активности.