Холандскиот производител на пиво Heineken ги објави резултатите од ревизијата на својот глобален маркетинг агенциски екосистем, назначувајќи нов состав на партнери за креатива, продукција и медиуми, со цел да ја забрза следната фаза од растот на своето портфолио на глобални и водечки брендови.
„Ова претставува значаен чекор во рамките на стратегијата за раст EverGreen 2030 на Heineken и амбицијата за изградба на порационализиран, поефикасен и прилагоден агенциски модел, осмислен да обезбеди поголемо креативно влијание, оперативна ефикасност и доследност на глобално ниво. Преминот кон помал број, но поголеми и поквалитетни агенциски партнери е дел од нашата поширока комерцијална трансформација Freddyai“ – изјави Брам Вестенбринк, главен комерцијален директор на Heineken.
По конкурентниот процес на избор, Heineken повторно ја назначи Dentsu за своја агенција за глобални медиуми, како и Publicis за глобална секундарна продукција. Глобалниот креативен состав е консолидиран во рамките на три холдинг-компании: Publicis, WPP и Stagwell. Креативните активности за брендот Heineken не беа опфатени со оваа ревизија, кои и понатаму остануваат во надлежност на Publicis.
Новата структура ќе овозможи глобалните брендови на компанијата, како што се Amstel, Birra Moretti, Desperados, Tiger и избрани приоритетни локални водечки брендови, да бидат поддржани од фокусиран круг стратешки партнери, овозможувајќи посилна изградба на брендовите преку подлабока соработка, како и поголема доследност и скалабилност на различни пазари.
„Нашиот нов агенциски екосистем е клучен предуслов за остварување на амбицијата да изградиме посилни и попрепознатливи брендови на глобално ниво. Со партнерство со помал број врвни светски агенции, создаваме услови за подлабока соработка, поостар стратешки фокус и покреативни и поефективни решенија. Во исто време, овој модел ни овозможува да работиме побрзо и поефикасно, обезбедувајќи континуирано испорачување висококвалитетни решенија низ нашето глобално и локално бренд-портфолио. Им благодариме на сите агенции што учествуваа за нивната посветеност во текот на овој обемен процес. Квалитетот на идеите, креативноста и талентот што беа прикажани беа навистина исклучителни“ – изјави Јорн Соке, виш директор за глобално влијание на брендовите и трансформација на растот во Heineken.
Преминот кон новиот агенциски модел ќе започне веднаш, со постепена имплементација усогласена со циклусите на планирање на брендовите, со цел да се обезбедат континуитет и деловна стабилност на сите пазари.















