Хрватскиот Телеком и компанијата Go2Digital започнаа замена на постоечките телефонски говорници во најфреквентните локации низ Хрватска и поставување на нови дигитални говорници, кои нудат широк спектар на нови услуги
Хрватски Телеком и хрватската агенција специјализирана за надворешно дигитално огласување Go2Digital, потпишаа договор врз основа на кој започнаа модернизација на телефонските говорници. Постоечките говорници, кои нудат исклучиво можност за телефонирање, ќе бидат заменети со дигитални говорници и голем број на паметни технолошки решенија базирани на технологијата на интернет.
Така, граѓаните ќе имаат на располагање голем број на нови можности, од безжично полнење на мобилните уреди, информации за нивото на полен во воздухот со помош на специјални сензори внатре во говорниците, па се` до СОС копче преку кое ќе можат да повикаат брза помош во случај на несреќа. Со цел корисниците и минувачите да бидат поврзани, секоја говорница е и Wi-Fi Hot Spot со бесплатен и неограничен интернет.
За полесно снаоѓање по градовите, на дигиталниот дисплеј ќе се наоѓа интерактивна мапа на шест јазици, која на корисникот ќе му понуди насоки како да дојде до посакуваната локација, а на задниот дел на говорницата ќе биде поставен дигитален ситилајт за огласувачите. Досега се поставени една говорница во Ровињ и една во Загреб, а во план е поставување на 20 говорници во Загреб во текот на јули и август. Годишно е предвидена замена на најмалку 25 говорници низ цела Хрватска.