Американската мултинационална технолошка компанија IBM соопшти дека ја избрала комуникациската групација Stagwell за нов главен креативен партнер на глобално ниво, со што започнува целосна промена на начинот на кој ги организира своите маркетинг активности ширум светот.
Новата соработка ќе ја реализира заеднички тим составен од дигиталната агенција Code and Theory и креативната мрежа Anomaly при групацијата Stagwell, кои ќе работат како унифициран тим задолжен за сите креативни активности на IBM.
Со оваа одлука завршува долгогодишната соработка на IBM со Ogilvy, дел од групацијата WPP. Според медиумски извори, Ogilvy не конкурирале за нов креативен договор. Претходно годинава, IBM ги довери медиумското планирање и закуп на Omnicom Media Group, заменувајќи ги агенциите на WPP кои претходно ја извршуваа таа задача.
Со новите партнери, IBM сака да изгради маркетинг систем што повеќе се потпира на современа технологија, автоматизација и обработка на податоци. Новиот агенциски тим веднаш ќе започне со понатамошниот развој на глобалната бренд-платформа „Let’s Create Smarter Business“.
„Во IBM веруваме дека иновациите се создаваат на пресекот меѓу човечката генијалност и технолошките можности. Code and Theory и Anomaly ни ги носат креативната и стратешката сила што ни е потребна, заедно со современи алатки и начин на работа што ќе ни помогне да се движиме побрзо, да работиме попаметно и да им понудиме на клиентите подобро поврзани искуства“ – изјави Џонатан Адашек, виш потпретседател за маркетинг и комуникации во IBM.
„Денешнината бара креативна сила и оперативна прецизност во исто време, со брзината што ја бара современиот пазар. Code and Theory и Anomaly ги имаат сите потребни капацитети и, работејќи како единствен тим со единствена одговорност, ќе го испорачаат токму тоа. Ова партнерство се гради таму каде што се поврзуваат највисоките раководни структури на компаниите, а токму таму IBM ќе ја оствари својата предност“ – посочи Марк Пен, претседател и генерален извршен директор на Stagwell.
Првата кампања што од Stagwell за IBM треба да биде лансирана во август 2026 година.
















