Социјалната платформа Instagram започна со тестирање нова функција наречена “Features”, која на одбрана група креатори на содржини во САД им овозможува да објавуваат подолги видеа во хоризонтален формат, кои во некои случаи може да траат и до 90 минути. Со овој потег, платформата настојува да привлече повеќе креатори и да ја зајакне конкуренцијата со YouTube во областа на долгите видеосодржини.
Извршниот директор на Instagram, Адам Мосери, соопшти дека функцијата сè уште е во рана фаза на тестирање и дека компанијата ги следи реакциите на корисниците. „Сè уште сме во раните фази на тестирање на оваа функција и ги слушаме повратните информации од нашите корисници. Но, возбудени сме што на креаторите им даваме повеќе простор да ги раскажуваат своите приказни во заедниците што веќе ги изградиле овде“, изјави Мосери во објава на платформата.
Заедно со потпретседателката за производи, Теса Лајонс, Мосери објасни дека, и покрај претходните резерви во однос на хоризонталниот формат, Instagram одлучил да им понуди на креаторите поголема слобода при создавањето и споделувањето содржини. Новата функција треба да овозможи кратките видеа да служат како вовед во подолги содржини, како што се подкастите и интервјуата.
„Она што сега ќе можете да го правите е, ако видите исечок од подкаст што навистина ви се допаѓа, да кликнете и да продолжите да го гледате или да го погледнете целото видео. Ќе можете да навлезете подлабоко во содржината и да ја гледате до крај, бидејќи креаторите ќе можат да ги поврзуваат овие Reels со својата главна, подолга содржина“, изјави Лајонс.
Функцијата засега ќе биде достапна на мобилни уреди, но Instagram има за цел во иднина да го прошири ваквото искуство и на телевизорите. Иницијативата е дел од пошироката стратегија на компанијата за привлекување поголема публика, креатори и огласувачи, како и за зајакнување на конкуренцијата со платформи како YouTube, Spotify и Netflix, особено во сегментот на видео поткасти и други долги аудиовизуелни содржини.













