Home » Во фокусот » Што прави Slow Food во Македонија? Разговараме со Елена Каровска

Што прави Slow Food во Македонија? Разговараме со Елена Каровска

Разговор со Елена Каровска програмски координатор на кампањата „Биодиверзитет на млеко“ и неколку други проекти на „Слоу Фуд Битола“.

M365: Slow Food не е класична организација, таа е движење кое промовира различни сфери кои го промовираат земјоделството, храната, околината…Раскажете ни малку повеќе за нејзините почетоци во Македонија..

Ме радува што во Македонија со секој изминат ден сѐ појасна е сликата за тоа што е „Слоу Фуд“, но повеќе од тоа ме радува што „Слоу Фуд“ е движење и тоа не само по дефиниција која може да се прочита на веб страната, туку која може и да се почувствува доколку се биде дел од само еден настан.

Почетоците доаѓаат од 2008 година, кога е основан првиот конвивиум (Слоу Фуд Скопје), вториот во 2009 година, па наваму до некои 12 функционални конвивиуми. Конвивиумот во Битола, кој и правно е регистриран како здружение, постои од 2011 година.
И во сите овие случаи, повторно се потврдува флуидноста на организацијата и лесната преносливост на нејзината идеја, како заразна смеа предизвикана од уживањето во секој момент поминат на трпезата. Имено, основачите на овие конвивиуми, а подоцна и членовите, добар дел од своите идеи ги развиле седејќи на маса полна со сезонска и локална храна. Со таа разлика што тие идеи не завршуваат на ивицата од трпезата туку истите се пренесуваат до оние од кои била набавена храната, до оние кои ја приготвиле или до оние кои имаат за задача да ја контролираат, инволвирајќи на тој начин се повеќе луѓе кои сакаат да ни се приклучат како членови или поддржувачи. Спонтаноста на процесот произлегува од едноставно контемплирање околу вкусот на одреден производ кое ни создава прашања за подготовката, начинот на консумирање, производство и дистрибуција, па потеклото, поврзаноста со локалната заедница, но и влијание кон животната средина, а пред сѐ влијанието кое го има нашиот секојдневен избор на храна врз погореспоменатото. И кога сето ова треба поедноставено да се дефинира, ние „слоуфудашите“ го одбираме терминот „еко-гастрономија“.

M365: Проектот зад Буковската пипер со локално обележје во Буково зад себе крие поинаков конпцет за маркетинг. Како ја добивте идеата да го креирате овој производ и кои се вашите планови за во иднина, дали да очекуваме нови производи со заштитено локално обележје од Македонија?

Кога двајца од активните членови во една релативно мала организација неизмерно го сакаат местото од кое потекнуваат, а кое истовремено има богата историја и традиција врзана токму со еден производ, невозможно е да не се развијат идеи како истиот да се унапреди. Би сакала и да истакнам дека не го креиравме овој производ, само го поттикнавме неговото опстојување, преку поддршка на производителите и укажување на тоа дека во своите раце имаат производ со голема вредност и секако промоција. Тоа во принцип го работи Слоу Фуд и на светско ниво – зачувување на локални производи, раси или сорти кои се на работ на исчезнување, а кои имаат долга традиција на производство или одгледување.

За жал, во Македонија имаме многу производи, техники на производство или преработка кои се веќе заборавени, многу сорти на зеленчук и овошје кои се веќе исчезнати, но и раси на животни чија бројност е на незавидно ниво. Затоа ние како организација, досега имаме мапирано 36 такви производи во каталогот „Арка на вкусови“ и уште толку кои чекаат да бидат внесени. Во овој дел можеме уште еднаш да и заблагодариме на нашата земја, бидејќи сеуште има доста производи кои очајно ги чува во прегратките на некои падини и села, а кои во себе носат потенцијал да добијат заштитена географска ознака или ознака за потекло и така да се приклучат на светските трендови

M365: Кои цели и активности се во основата на Вашата маркетинг стратегија?

Дефинитивно, промоција на „добра, чиста и правична храна“. Истовремено тоа е мотото на „Слоу Фуд“ и најдобро ги отсликува принципите на кои се заснова храната која сакаме да биде достапна до секој. Имено „добра“ храна би била онаа која е квалитетна, вкусна и здрава; „чиста“ онаа која не ѝ штети на околината, а „правична“ онаа која е достапна по добра цена за консументите, но достоинствена и за производителите. Пред сѐ, промоција на производи кои се добиени со почитување на човековото здравје, животната средина, благосостојбата на животните и локалната гастрономска култура произлезена од локалните генетски ресурси. И скоро секогаш, тоа го правиме преку сетилата. Доколку вкусувањето не е случај, тогаш преку разновидни печатени материјали на сцена ги ставаме фотографиите кои успеале да ја доловат блиската поврзаност на производителите, готвачите или консументите со храната.

Од друга страна, радо го користиме концептот на описни етикети кои како такви можат да ја раскажат приказната што зад себе ја носи некој производ или да ја опишат врската со идентитетот на пределот од кој потекнува производот. На овој начин, се надоврзуваме и на една друга маркетинг стратегија – градењето директни врски меѓу производителите и потрошувачите, преку едукација на потрошувачите при што тие стануваат копроизводители; преку кратење на синџирот на дистрибуција со организирање саеми и пазари на фармери; преку локални ресторани и готвачи кои ги користат овие производи.

M365: На какви проекти работите во моментот?

Моментално најголемиот акцент го имаме ставено врз развојот на Президиумите. Тоа се наши проекти кои во фокусот го имаат зачувувањето на некој генетски ресурс или техника на производство. Градењето на нивните капацитети до степен каде производството на, ете, слаткото од диви смокви, буковската пипер, сирењата од Маврово-Реканскиот регион, медот од македонската медоносна пчела или грозјето Станушина ќе биде самооддржливо, производителите доволно мотивирани, а производите препознавани на пазарот е наша цел. Исто така, мапирањето на производи за Арката на вкусови, производи кои се поврзуваат со специфична област, со колективната меморија и идентитет и со локалните традиции е нешто кое го работиме континуирано. Ја користам оваа прилика да ги повикам читателите да дадат свој придонес во откривањето на овие производи, преку контактирање на локалниот конвивиум на Слоу Фуд или директно на интернет страницата на Слоу Фуд Фондацијата за биодиверзитет.

Исто така, моментално работиме и на развој на едукативни програми за деца и возрасни, дефинирани како кратки курсеви наречени „Мастер на храна“. Иако започнавме со три теми, спонтано стигнавме до пет теми кои за прв пат беа промовирани на овогодинешниот настан „Тера Мадре Македонија“.

M365: Што може да очекуваме од вашата организација во блиска идина, како планирате да се развивате како организација и кои се клучни активности кои ќе бидат во вашиот фокус во рамките на државата и надвор од неа?

Како неизбежен дел од дејствувањето на Слоу Фуд во нашата земја се појасна е потребата од организациско зајакнување на структурата на мрежата и нејзино понатамошно ширење. Дури и активностите кои наголемо наѕираат на отворена врата – дефинирањето и пренесувањето на неколку концепти на македонско тло како Пазари на фармери, Слоу Фуд Травел и Алијансата на готвачи, која за почеток постигна исклучителна соработка со светски познатиот готвач Џанфранко Киарини, повторно укажуваат на потребата од интегрирање во мрежа во границите на нашата држава.

Целта ни е да ја доближиме филозофијата на Слоу Фуд до секој производител и консумент на целата територија на Македонија, да градиме посреќни заедници и подобра иднина за сите нас. За оваа цел наскоро започнуваме со нова кампања.

Автор Наташа Гулевска

Наташа работи како маркетинг менаџер во Nova Solutions. Нејзиниот ангажман вклучува активности како осмислување концепти и развој на нови брендови, унапредување на маркетинг стратегиите на бројни домашни компании и Интернет маркетинг. Завршува постдипломски студии од областа на јавните политики, а љубовта кон креативното изразување и маркетингот покрај професионален избор и претставуваат и пасија. Контакт маил: natasha@solutions.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365