Home » Во фокусот » Интервју со Христина, Бубе и Марија од Систина Oфталмологија: Наши “продукти“ се довербата и задоволството!

Интервју со Христина, Бубе и Марија од Систина Oфталмологија: Наши “продукти“ се довербата и задоволството!

Маркетингот и брендирањето не е лесна работа. Постојат голем број успешни компании, но ако прашате секој од нив поединечно, тие секогаш ќе Ви одговорат дека успехот е резултат на долготрајна и макотрпна работа (со непроспиени ноќи позади).

Една од компаниите во Македонија која постојано внесува свежина со своите маркетинг активности и која секако дека веќе ви е позната, e  Систина Oфталмологија. Сигурно сте ги забележале кампањите “додека ти заврши омилената песна” и “кому би му ги довериле своите очи“ според кои Систина Офталмологија е препознaтлива како компанија за која најважен е индивидуалниот пристап кон пациентите, компанија која се стреми да го подигне квалитетот на македонското здравство на светско ниво, да ја зголеми свеста за грижата на очите, а целиот тим е многу професионален и пријателски расположен со пациентите.

Маркетинг тимот на Систина Офталмологија е составен од 3 дами: Христина, Бубе и Марија. Кога ќе влезете во нивната канцеларија ќе ја забележите позитивната атмосфера која владее меѓу нив. Шегите се составен дел од нивното секојдневие, а почитта едни кон други ја сметаат за темел за успешното работење.

Христина

Христина

М365: Како е да се работи маркетинг во здравството?

Христина: Мислам дека најдобар опис би бил: непредвидливо. Убавината да се работи маркетинг во здравственото поле е тоа што не е ни навидум слично како да се работи маркетинг во други области. Ние не продаваме конкретно една услуга која можеме да ја билдаме, да биде забавна. Напротив, ние се трудиме да изградиме доверба во општество каде мислењето за здравството е негативно, а приватните здравствени установи се сметаат за луксуз. И тоа до некаде, сметаме дека го постигнавме.

Интересниот дел во оваа работа е тоа што и ние, маркетинг одделот, сме во постојана комуникација со нашиот медицински тим и тимот на Свјетлост – Загреб и секојдневно го надополнуваме нашето знаење за офталмологијата. Во буквална смисла – точно знаеме кој преглед како се прави, како се одвиваат одредени интервенции, како пациентите знаат да реагираат и што може да се очекува. Ние сме директно инволвирани во секојдневната работа на клиниката и тоа многу ни олеснува, бидејќи само така можеме вистински да ја доловиме атмосферата која владее во нашата клиника. Ако забележите како некој стои во ходник, ве набљудува, му помага на тимот, а не е во униформа – тоа е некоја од нас која истражува информација за следниот пост/текст или решава критика :)

Марија

Марија

М365: На кој начин ја правите маркетинг стратегијата?

Марија: Слушањето на потребите на нашите пациенти e главната нишка во создавањето на стратегијата. Секоја пофалба, забелешка, сугестија, не’ поттикнуваат да видиме каде грешиме, што да подобриме. Нивното мислење e од суштинско значење за нас особено затоа што секогаш настојуваме да бидеме најдобриот избор за нашите пациенти. Токму затоа, големо задоволство ни претставува кога лично разговараме со нив, а тие ни ги пренесуваат нивните импресии од нашата клиника. Сето тоа го преточуваме во размислување и креирање насоки за следни активности. Секогаш гледаме да сме иновативни, но и практични. Често се служиме со изјави од нашите пациенти затоа што нашето досегашно искуство ни покажа дека луѓето сакаат да ги читаат искуствата на нашите пациенти. Социјалните медиуми помагаат во интеракцијата со пациентите, па затоа изминатава година воведовме уште еден канал на комуникација – блогот, каде нашите доктори пишуваат за одредени едукативни теми. Драго ни е дека блогот наиде на многу позитивни коментари.

Бубе

Бубе

М365:Колку сметате дека социјалните медиуми се важни за маркетингот во денешно време?

Бубе: Социјалните медиуми во ова општество веќе не се избор. Тие се потреба. Ние располагаме со вебсајт, достапни сме на фејсбук, а во тек е развивање и на нашиот инстаграм профил. Во овој дел имаме и голема помош од Публицис. На многу луѓе им е несвојствено, здравствена установа да користи социјални медиуми за да биде достапна за своите пациенти бидејќи кога некој има проблем сам се обраќа во клиника. Но, денес во оваа ера на дигиталниот свет кога сите информации се лесно достапни, без разлика дали се точни или не, нашата цел е да им излеземе во пресрет на корисниците и да им помогнеме да ја најдат вистинската информација/ решение која на нив им е потребна, а поврзана е со очни болести. Се разбира дека тука влегува и продажниот сегмент, но сепак нашето искуство со многу пациенти кои се лечеле на своја рака, ни покажа дека треба посериозно да пристапиме на овој проблем. Се трудиме да бидеме во тек со сите светски  трендови кои од ден на ден се менуваат, но само дел од нив реално успеваат во Македонија. Така што, нашето работно секојдневие е исполнето со многу предизвици :)

М365:Како се снајдовте во 2016-тата и кои се вашите планови за 2017-та? 

Христина: Уф, 2016-тата година ни беше многу динамична и интересна – ги остваривме сите поставени задачи, ги докомплициравме со нови, научивме многу, се изгоревме малку. Го организиравме нашиот прв симпозиум од регионален карактер, за кој бевме навистина пресреќни. Целиот персонал беше вклучен во неговата организација, секој вложи дел од своето време и идеи за да биде успешен. Субјективно кажано, беше и повеќе од тоа! :) Подготвени сме за новата година, секако ќе се потрудиме да се адаптираме на новите трендови и барањата и потребите на нашите пациенти.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365