Home » Во фокусот » Интервју со Игор Трпковски, генерален менаџер на Sport Vision

Интервју со Игор Трпковски, генерален менаџер на Sport Vision

Во свет на трендови кои се менуваат со брзината на светлината две работи се најважни, флексибилноста и одлучноста. Не многу луѓе можат да креираат совршена синергија на овие две вредности често покорувајќи се себеси поради стравот од преземање на ризикот. На прв поглед никогаш не постои совршеното решение и со секој момент истото додатно се комплицира. За методите за максимална реализација на успехот разговаравме со Игор Трпковски, генерален менаџер на Sport Vision. Човек кој е посветен на својот тим и кој успеа оваа година на Sport Vison да му ја донесе Best Buy наградата за 2017 и 2018 година.

M365: Кои, според Вас, се маркетинг трендовите кои се движечка сила на пазарот?

Игор Трпковски: Маркетингот, заради еволуцијата низ која минува во моментов, никогаш повеќе нема да биде онаков каков што го познававме до пред неколку години. Неколку ТВ канали, радио станици, магазини, билборди и весници беа доволни, доколку пласирате релевантна порака, да стигнете до потрошувачите. Денес, технологијата, паметните уреди и интернетот наметнаа нови трендови кои бараат редизајн на бизнис процесите, оперативните модели и цели организациски структури. Успешните брендови стануваат платформи, чија основна функција не е само да ги “наведат” потрошувачите да купат, туку треба да ги поттикнат и инспирираат да споделуваат, коментираат или “лајкуваат”, односно да земат учество во градење на приказната. При дигитализацијата која ни се случува, брендовите не се само корпоративен капитал кој треба да се искористи, туку се репрезент на цели заедници со сопствени мотиви и верувања. Искуството на потрошувачите со брендот станува најважно, тие комуницираат меѓу себе (С2С) и поврзаноста со нив е мисија која веќе не е само во доменот на маркетинг тимот.

Во овој контекст, потребни се нови менаџерски компетенции. Оние кои сакаат да успеат односно да останат во игра, потребно е да ги спојат технологијата со стратегијата.

M365: Кои се аспектите во маркетингот кои се незаменливи и безвременски?

Игор Трпковски:  Стратегија креирана околу јасна цел од која потоа почнуваат сите маркетинг активности. Потребите на потрошувачите на прво место – нивно перцепирање, разбирање, стимулирање и задоволување. Креирање силни релации со потрошувачите и надминување на нивните очекувања преку овозможување извонредно искуство при купопродажбата. Овие постулати секогаш ќе бидат безвременски.


M365: Како успевате да допрете до потрошувачите?

Игор Трпковски:  Градењето релации со потрошувачите е дел од мисијата на Sport Vision. Тоа што нè поврзува не се само производите или услугата, туку искуството кое го креираме – како ги пресретнуваме нивните потреби и го позиционираме Sport Vision во нивниот личен идентитет. Преку овие клучни фактори кои ја дополнуваат маркетинг понудата, потрошувачот ќе го одбере оној ритејлер кој нуди повпечатливо шопинг искуство.

Конечно, факт е дека на тоа искуство влијаат буквално сите вработени. Компаниите повеќе не можат да се скријат зад добро конструирани маркетинг и ПР кампањи. Фејсбук пост или добро пласиран твит од само еден вработен можат многу да влијаат на јавната перцепција за компанијата а со самото тоа и на односот на потрошувачите.

M365:Како успеавте да го воспоставите брендот на Sport Vision низ годините во Македонија?

Игор Трпковски: Јасна визија, доверба и безрезервна поддршка од принципалите. Фокус, работа и упорност од сите вработени во Sport Vision Македонија. Станува лесно да се планира и реализира кога на ваша страна ја имате енергијата на млади луѓе кои не признаваат лимити и кои секој проблем го гледаат како предизвик. Нашите вработени се најзаслужни за сите наши успеси. Sport Vision е синоним за две работи – екипа и успех.

M365: Во февруари ја добивте наградата за Best Buy бренд во Македонија за 2017 и 2018 година. Како успеавте да го достигнете ова ниво?

Игор Трпковски: Да, особено сме горди што станавме носители на ексклузивниот медал Best Buy Award, кој дојде како потврда на сè што правиме за да ја оправдаме довербата на потрошувачите. Пазарното истражување за Best Buy Award ги мери искуството, мислењето и перцепцијата на потрошувачите во однос на тоа кои компании нудат најдобра вредност за дадените пари, и е јасен показател дека производите и услугата ги задоволуваат високите стандарди за квалитет,

Потрошувачите го одбраа Sport Vision како прв избор во категоријата “Најдобар ланец продавници за спортска облека, обувки и опрема” во Македонија. Во практична смисла, потрошувачите покажаа дека ги препознаваат сите напори кои ги преземаме со цел да понудиме поинаков концепт во работењето и да понудиме повисоки стандарди во услугата, поточно во малопродажбата. Преку широкото портфолио на брендови и производи, конкурентните цени, одличниот квалитет и исклучително позитивното искуство при купувањето, се етаблиравме како компанија број 1 во малопродажбата на спортска облека, обувки и опрема, притоа со најдобар сооднос меѓу цената и квалитетот.

M365: Колку години работите на пазарот за спортска облека и како се движат трендовите? Кој е Вашиот омилен бренд?

Игор Трпковски: Со доаѓањето на Sport Vision во Македонија, во 2012 година, започна моето интензивно професионално дружење со спортските брендови но и со ритејлингот воопшто. После нецели пет години, можам да кажам дека сум задоволен со оглед на тоа што ја исполнив личната мисија, а тоа беше Sport Vision да стане синоним и прва асоцијација при изборот на спортска облека, опрема и обувки. Во тоа најголем удел имаа колегите кои честопати несебично го даваа својот максимум за да стигнеме таму каде што сме денес.

Што се однесува до трендовите, сите показатели се дека развојот во индустријата за спортска опрема ќе продолжи. Континуирано се произведуваат нови и подобрени производи преку користење на нови супериорни материјали и технологии на производство, трендот на здрав и активен животен стил продолжува, а исто така продолжува и акцентот на тнр. аутдор активности. И ние не сме отпорни на глобализацијата, така што сè што се случува во светот доаѓа и кај нас.

Приватно, мој омилен бренд е глобално најдобриот спортски бренд кој воедно има и најсилен корпоративен идентитет.

Автор

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365