Home » Во фокусот » Интервју со Предраг Николовски, маркетинг и односи со јавност во Ford: “Јавноста вреднува вистински брендови“

Интервју со Предраг Николовски, маркетинг и односи со јавност во Ford: “Јавноста вреднува вистински брендови“

Денешен гостин на Маркетинг365 е Г-дин Предраг Николовски, раководител на одделот за маркетинг и односи со јавност во компанијата Mи-Да Гранд Моторс која е овластен и ексклузивен импортер на возилата Ford во Македонија. Повеќе за неговите предизивици како прв човек кој се грижи за еден од најпознатите и најкупувани автомобилски брендови во државава, прочитајте во интервјуто во продолжение…

rsz_predrag_ford

Предраг Николовски

М365Во Македонија постои сериозна понуда на автомобили и уште посериозна конкуренција бидејќи сме релативно мал пазар. Како Вие како лице за маркетинг и односи со јавност ги привлекувате Вашите купувачи?

Предраг Николовски: За да привлечете потрошувачи, пред се, треба да понудите квалитетен производ кој ќе ги задоволи нивните потреби. Ford автомобилите се токму таков производ – со опслужување од над 100 години, брендот се позиционира како еден од најдобрите брендови во светски рамки. Факт е дека македонскиот пазар е мал, но со интензивна конкуренција. Затоа, маркетинг и ПР активностите за привлекување нови купувачи и задржување на постојните, лојални, потрошувачи се значајни и претставуваат вистински предизвик. Од друга страна, може да се каже дека македонските потрошувачи знаат што сакаат кога се работи за избор на возило. Со ова, до одреден степен, ја поедноставуваат нашата работа. За комуникација со потенцијалните купувачи користиме микс од традиционални, но и најсовремени, т.е дигитални канали на комуникација, преку кои ги охрабруваме да дојдат и да ги возат автомобилите. Оттука, преку користење на промотивни акции и добри финансиски услови, им излегуваме в пресрет на можностите на потрошувачите. Токму затоа, тие го ценат искрениот пристап и се многубројни. Ова го покажа и статистиката на бројот на продадени возила во Европа каде Ford Fiesta, четири години по ред, е на водечкото прво место. И во Македонија имаме учество од над 20% во вкупниот број на продадени возила, што секако, дел од успехот се должи на добриот маркетинг и ПР пристап.

М365: Која е спецификата (диферзификацијата) во маркетинг пристапот на Ford?

Предраг Николовски: Уште од почетоците на компанијата, целта на основачот Хенри Форд била да создаде автомобил достапен за секој граѓанин и семејство. Така и по 100 години, продолжуваме со истиот пристап. Она што не диференцира од конкуренцијата е пристапот кон потрошувачот. Се ориентираме конкретно на неговите потреби и можности. Ставајќи акцент на потрошувачот, со продолжениот рок на гаранција од 5 години и 24-часовна поддршка на пат во Европа, сопственикот на Ford освен што добива квалитетен автомобил, тој добива професионален партнер или како што ние велиме, совозач од доверба. Во овој пристап голема улога игра и помошта и поволностите кои ги нудиме во поглед на оддржувањето на возилото преку „Мој Сервис“ апликацијата со која што, на нашиот веб сајт, најтранспарентно ги објавуваме сервисните цени за секој модел посебно.

М365: Колку социјалните медиуми го зафаќаат приматот во комуникација со таргет јавностите?

Предраг Николовски: Со оглед на растечкиот тренд на социјалните медиуми, тие заземаат значителен и ефикасен дел од нашата комуникација со јавноста. Природата на социјалните медиуми е таква што овозможува блиска комуникација и идентификација со таргетот, што одлично се поклопува со нашата маркетинг стратегија. И во Македонија, користењето на овој вид медиуми е се позастапено и затоа се трудиме да бидеме присутни колку што може повеќе. Покрај стандардната комуникација на најпопуларните социјални медиуми, во последните две години воспоставивме и специјализиран профил „Форд Доктор“ кој е присутен на блоговите за автомобили и социјалните мрежи. Овој профил е раководен од нашите стручни лица и служи да им биде од помош на сопствениците на возила, со давање совети, помош за одредени прашања и проблеми. „Форд Доктор“ на некој начин, претставува виртуелен сервис.

М365: Дали организацијата на настани овозможува полесен пристап до потенцијалните купувачи?

Предраг Николовски: Генерално, во маркетингот е познато дека организирањето настани е од големо значење, бидејќи нуди можност за запознавање и интеракција со луѓето и со одредени производи и услуги. За компаниите од нашата индустрија, од особена важност се настаните на кои потенцијалните купувачи би ги пробале возилата во живо, со што би се креирал вистинскиот впечаток и емоција. Од друга страна, како компанија, имаме многу интензивна соработка и со бизнис секторот т.е. нашите соработници и клиенти за кои редовно организираме одреден вид настани за да се оддржи комуникацијата и соработката на задоволство на сите страни.

М365: Колку компаниите од автомобилскиот сектор треба да бидат општествено-одговорни компании и како?

Предраг Николовски: Живееме во динамично општество и обврска на компаниите е да бидат општествено-одговорни за да се подобрат условите за живот. Ова особено важи за компаниите од автомобилскиот сектор чии производи, по својата природа, директно влијаат на околината. Затоа, како компанија генерално, ја следиме нашата глобална заложба за производство на автомобили со најниска емисија на издувни гасови. Доказ за ова е што сите модели што пристигнуваат се со EURO 6 ниво. На нашите потенцијални потрошувачи им ги презентираме и електричните верзии на Ford возила кои се иднината на автомобилскиот сектор. Како компанија учествуваме и во иницијативи кои се однесуваат на зголемување на безбедноста во сообраќајот. Што се однесува до локалните акции, Ford Македонија учествува на настани кои го мотивираат здравиот дух и навики на заедницата. Организираме акции во кои сите наши вработени се активираат за одредена цел (би го споменал пролетното чистење на отпадоци на планината Водно).

М365: Дали повеќе го користите класичниот пристап за привлекување потенцијални купувачи или користите друг вид на комуникација?

Предраг Николовски: Иако сум застапник и иницијатор за посовремените типови на комуникација преку дигиталните канали, моето искуство во однос на пазарот во Македонија, ме научи дека класичниот пристап, преку користењсе на традиционалните канали, се уште е од големо значење за комуницирање со поширока маса. Секако користиме микс од двата пристапи и се ориентираме на интегрирана комуникација преку сите канали. Во иднина, ќе расте трендот на дигитални медиуми со што се отвораат нови можности и насоки за комуникација. Искрено, јас го гледам ова како големо поле за креативна борба помеѓу брендовите.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365