На големо задоволство, наша денешна соговорничка на Маркетинг365 е Стефани Неделкова Кузманоска – дел од новата генерација маркетинг професионалци кои го редефинираат значењето на корпоративната комуникација во high-tech индустријата.
Како маркетинг менаџер во Микросам, водечка македонска технолошка компанија со глобално присуство, таа работи на позиционирање на нашата земја на светската мапа на иновации. Нејзиниот бренд-наратив не зборува само за напредни машини, туку за луѓе, знаење, инженеринг, доверба и долгорочни партнерства што траат со години.
Нејзината работа се одвива на спојот меѓу технологијата, стратегијата и комуникацијата, таму каде што маркетингот престанува да биде алатка, а станува стратешка функција.

Marketing365: Микросам е глобално препознаен бренд во високо-технолошка индустрија. Од маркетинг перспектива, колку е тешко да се комуницира „невидливата комплексност“ на ваков тип технологија кон пошироката јавност?
Стефани Неделкова Кузманоска: Да, тоа е еден од најголемите предизвици во нашата работа – да објасниш нешто што не се гледа на прв поглед. Но токму во тоа е магијата. Мораш да ја „преведеш“ технологијата во човечки приказни за инженерите, за иновациите што стојат зад секоја машина и за решенијата што им ги носиме на клиентите. Композитната индустрија кај нас е помалку позната, па често кога ќе кажам дека со нашите машини се прават делови од авиони за да бидат полесни и поцврсти, луѓето веднаш добиваат слика што навистина значи тоа. И тоа е убаво чувство, кога од нешто сложено направиш нешто разбирливо и инспиративно.
Marketing365: Твојата позиција е на спој меѓу технологија, бизнис и комуникација. Што беше најголемиот професионален предизвик кога влезе во оваа индустрија и како го надмина?
Стефани Неделкова Кузманоска: Најголем предизвик ми беше техничкиот дел. Требаше да го разберам јазикот и процесите зад производството на композити. Доаѓав од здравствениот сектор, каде маркетингот има сосема поинаков ритам, па првите денови во Микросам беа како влез во сосема нов свет. Се сеќавам како гледав роботски глави и автоматизирани линии и си помислив: „Ова ли навистина постои во Македонија?“ И потоа, следеше Ковид, карантин, и десетици книги за технологии на моето биро. Наместо тоа да ме исплаши, ме мотивираше уште повеќе. Прашував, анализирав, учев од колегите и со време открив колку е вредна таа комбинација на техничко знаење и комуникациски вештини. Денес уживам токму во тој баланс – кога можам да ја раскажам технологијата на разбирлив и интересен начин.
Marketing365: Што тебе лично ти помогна најмногу да се изградиш професионално во средина што традиционално се смета за „машка индустрија“?
Стефани Неделкова Кузманоска: Верувам дека професионалноста и посветеноста немаат пол. Кога си добар во тоа што го работиш и покажуваш резултати, предрасудите тивко исчезнуваат. Имав среќа да бидам дел од средина во која идеите се слушаат, без разлика од кого доаѓаат. Многу ми помогна и менторството и разговорите со колешки и колеги кои веќе поминале низ слични искуства. Мислам дека сите ние имаме одговорност да вложиме во создавање на рамноправна и поддржувачка средина, особено за младите жени што допрва влегуваат во tech секторот.
Marketing365: Како се гради глобален бренд од Македонија? Кои се најголемите бариери, а кои предности?
Стефани Неделкова Кузманоска: Да се гради глобален бренд од мала земја звучи како невозможна мисија, но не е. Денес, светот е толку поврзан што добрата приказна и вистинските вредности можат да допрат насекаде. Денес на секој саем, сите странски медиуми нè препознаваат, нашето име, нашите технологии, приказните што ги споделуваме. Голема бариера е можеби тоа што понекогаш самите Македонци не веруваат доволно дека можеме да бидеме дел од светот. А најголема предност е токму тоа што доаѓаме од Македонија – мала, но иновативна средина, со луѓе кои се навикнати да бидат креативни и снаодливи. Тоа ни дава автентичност и искреност што многу брендови ја губат кога растат.
Marketing365: Кој совет што си го добила во кариерата се покажа како највреден, а кој како најпогрешен?
Стефани Неделкова Кузманоска: Највредниот совет што некогаш сум го добила е „биди автентична и комуницирај со срце“. Како маркетинг професионалци, често сме во искушение да следиме трендови, но долгорочниот успех секогаш се гради на искреност. Најпогрешниот совет, пак, е дека „емоциите немаат место во бизнисот“. Јас мислам дека токму емпатијата и страста се тие што прават да се издвоиш. Кога ја чувствуваш пораката, тогаш и другите ја чувствуваат.
Marketing365: Ако треба да ѝ дадеш една порака на својата помлада верзија, која штотуку влегува во светот на маркетингот, која би била?
Стефани Неделкова Кузманоска: Би ѝ кажала да не се плаши да праша, да греши и да се обидува одново. Да го следи својот инстинкт, но и да учи од другите. Патот во маркетингот е полн со промени, и секој предизвик е лекција. Најважно е да не го изгуби својот ентузијазам, затоа што токму љубопитноста и љубовта кон тоа што го работиме нè водат напред.
Marketing365: Како би го опишала својот маркетинг стил? Што е она по што се разликуваш во начинот на кој пристапуваш кон комуникацијата?
Стефани Неделкова Кузманоска: Мојот маркетинг стил е искрен и близок до публиката. Во high-tech светот, каде сè изгледа технички и далечно за повеќето, јас ставам акцент на човечките приказни, емоциите и вистинската вредност зад технологијата. Се разликувам во тоа што секогаш барам „зошто“ – зошто е ова важно, за кого менува светот и кои се придобивките, решенијата за купувачите. Автентичноста ми е клучна, па ако не ја чувствувам пораката, тешко ќе ја пренесам убедливо. Така градам доверба, а доверба е она што прави брендот да трае долго.
Marketing365:Како ја гледаш еволуцијата на маркетингот во high-tech индустријата во следните пет години?
Стефани Неделкова Кузманоска: Маркетингот во технолошките компании веќе доживува трансформација и тоа во вистинска насока. Верувам дека сè повеќе ќе се темели на знаење, искреност и партнерства. AI и автоматизацијата ќе ја олеснат нашата работа, но човечкиот пристап, креативноста и довербата ќе останат незаменливи. Маркетингот ќе мора да стане уште повеќе интегриран во бизнис-стратегијата, а професионалците во оваа област ќе треба да бидат не само креативци, туку и аналитичари, со способност да разберат технологија и пазар истовремено.




















