Израелската министерка за правда Ајелед Шакед се појавува во видео спот во кој провокативно рекламира парфем наречен “Фашизам”, a сето ова во рамките на кампањата за претстојните избори
Израелската крајно десничарска партија „Нова десница“, објави видео на изборната кампања во која министерката за правда во елегантен костум се прска со парфем наречен “Фашизам”, предизвикувајќи бура на реакции на социјалните мрежи.
Со оваа контроверзна реклама, министерката Ајелет Шакед се вклучи во онлајн изборната кампања. Политичките реклами на телевизија во Израел се дозволени само две недели пред изборите на 9-ти април, а партиите и кандидатите во голема мера се фокусираа кон дигиталните канали.
Агенциите пренесуваат дека рекламата многу потсетува на сатиричниот скеч на актерката Скарлет Јохансон од 2017 во популарната емисија “Saturday Night Live”, кога ја глумеше Иванка Трамп која го рекламира парфемот “Complicit”.
Рекламата на министерката привлече многу внимание и досега е прегледана стотици илјади пати.
Во црно белото видео таа се прска со парфемот „Фрашизам“ додека ги шепоти клучните политички пораки „Реформа на правосудството, “Поделба на власта”, “Ограничување на Врховниот суд” и сл.
Потоа гледајќи во камера младата министерка сугерира дека парфемот „фашизам“ има погрешно име и порачува „За мене тој мириса на демократија“.