Британскиот ланец на стоковни куќи John Lewis ја претстави својата 20. Божиќна кампања, насловена „Gloria and Pickles“, со порака дека најубавите подароци се оние избрани со внимание и љубов. Создадена од агенцијата Saatchi & Saatchi, рекламата ја следи Глорија, баба која сака да ги израдува своите внуци, но не е сигурна што навистина би ги направило среќни. Главната порака на кампањата е „Не откажувајте се од подарувањето“.
Во триминутниот филм, бабата Глорија, во изведба на Кристин Скот Томас, ги пречекува внуците Фреди и Меги за Божиќ. Кога старите играчки од нејзиното поткровје не успеваат да им го привлечат вниманието, таа размислува да им подари пари. Но, нејзиното дрвено кученце Пиклс, кое зборува со гласот на Пол Вајтхаус, ја поттикнува да вложи повеќе труд и да смисли нешто посебно.
Така започнува нивната необична потрага по подарок, која ги води низ улиците на Лондон. Инспирирана од едно шарено тук-тук возило, Глорија добива идеја да создаде посебен простор во својот дом – „Бабина пештера“, исполнет со светла, диско-топки и музика. На божиќното утро, внуците го откриваат изненадувањето и со радост ја прегрнуваат баба си.
„Нашата порака оваа година е едноставна: „Не откажувајте се од подарувањето“. Се надеваме дека ова повторно ќе им ја врати самодовербата на луѓето кога станува збор за избирањето подароци и ќе ги поттикне да ја откријат радоста од изборот на нешто навистина внимателно одбрано за луѓето што ги сакаат“ – изјави Рози Хенли, директорка за маркетинг и потрошувачка лојалност во John Lewis.
Филмот е во режија на Луси Форбс, а музичката подлога е преработка на песната “You Can’t Always Get What You Want” од The Rolling Stones, во изведба на Сем Фендер.
Покрај главниот филм, кампањата ќе опфати содржини за социјалните мрежи, интервјуа и материјали зад сцената, како и празнични активности во продавниците на John Lewis. Кучето Пиклс ќе стане дел и од логото на брендот за време на кампањата.
Со приказната за Глорија и нејзините внуци, John Lewis ја истакнува вредноста на блискоста меѓу генерациите и потсетува дека најважниот дел од празниците не е совршениот подарок, туку радоста што ја споделуваме со блиските.














