Хрватска ја претстави својата нова туристичка промотивна кампања „Croatia – I Hear It’s Beautiful“ („Хрватска – Слушам дека е прекрасна“, во која главната улога ја има светски познатиот актер со хрватско потекло Џон Малкович.
Филмот е режиран од наградуваниот телевизиски и спортски продуцент Пит Радович, кој има хрватско потекло и е добитник на 45 „Еми“ награди. Во реализацијата на проектот учествувале продукциската куќа Bunker и креативната агенција Brandmama, која помогнала во развојот на сценариото.
Кампањата користи хумористичен пристап и се поигрува со јавниот имиџ на Малкович како воздржан и скептичен интелектуалец. Во текот на патувањето низ Хрватска, локален водич го запознава со најпознатите туристички дестинации, меѓу кои Дубровник, Сплит, Загреб, Славонија, Лошињ и Националниот парк Крка.
На почетокот, актерот со иронија и доза сарказам реагира на воодушевувањето од убавините на земјата, постојано прашувајќи се зошто сите се толку фасцинирани. Но, како што патувањето продолжува, неговиот скептицизам постепено исчезнува под влијание на природните пејзажи, богатото културно наследство, гастрономијата и опуштениот начин на живот што ги нуди Хрватска.
Филмот завршува со препознатливиот сув хумор на Малкович, кој признава дека Хрватска „и не е толку лоша“. Посебен акцент е ставен и на луѓето, кои актерот со симпатии ги нарекува „мојот народ“. Гледачите ја поздравија кампањата како една од најдобрите туристички промоции на Хрватска досега, истакнувајќи ги хуморот, високото продукциско ниво и емотивниот приказ на земјата.

















