Home » Digital » Кои се 20-те најпопуларни социјални мрежи во светот?

Кои се 20-те најпопуларни социјални мрежи во светот?

Автор: Благој Ѓелевски

Доколку треба да ги набројам трите работи кои најмногу влијаеле врз човечкиот живот и општество во последната декада, една од нив секако ќе бидат социјалните мрежи. Веќе сите знаат дека ФЕЈСБУК е најпопуларната социјална мрежа во светот моментално.Заклучно со април 2017-та, социјалната мрежа фејсбук, има скоро 2 милијарди активни профили.

Но, кои се останатите најпопуларни социјални мрежи во светот моментално?

Тимот на Тивиус направи едно мало истражување, со цел да откриеме кои се останатите 19 најпопуларни социјални мрежи во светот моментално.Можеби ќе бидите малку изненадени. Наодите ви ги претставуваме во графикот подолу:

Очекувано, фејсбук е неприкосновен лидер кај социјалните мрежи. Можноста за повеќенасочна комуникација и интеракција помеѓу корисниците, како и многуте новини кои ги воведе фејсбук влијаеа бројот на активни корисници континуирано да расте. За летото се очекува оваа бројка да надмине 2 милијарди активни членови.

Социјална мрежа на која активно комуницираат 2 милијарди членови, неминовно има огромна општествена, политичка и економска моќ. Последните претседателски избори во САД јасно го покажаа ова влијание. Секако и претходно револуциите поврзани со Арапската пролет, движењето „Occupy Wall Street“ итн. Сепак, влијанието и моќта на фејсбук допрва ќе се покажува.

WhatsApp e втор

Можеби многумина од вас никогаш и не слушнале за оваа социјална мрежа, но WhatsApp денес има над милијарда активни корисници. Во суштина WhatsApp е платформа за смартфони, која се користи за испраќање на секаков вид на енкриптирани пораки (телефонски разговор, видео разговор; текстуални пораки, слики, гифови, видеа, документи, гео-локации, аудио фајлови, телефонски контакти и гласовни пораки).

WhatsApp е основана во 2009 година од Jan Koum и Brian Acton и денес е во сопственост на фејсбук. WhatsApp се смета за една од најбезбедните социјални мрежи, бидејќи сите пораки кои се испраќаат од корисник до корисник се енкриптирани.

Уште неколку изненадувања

YouTube (во сопственост на Google) и Facebook Messenger (во сопственост на Facebook), кои го делат третото и четвртото место, со по 1 милијарда активни корисници, сигурно не се изненадување. Но, големи се шансите досега да не сте слушнале за WeChat и QQ. Тоа е така бидејќи ова се кинески социјални мрежи развиени од компанијата Tencent Holdings Limited.

WeChat е релативно нова платформа, пуштена во употреба на 21 јануари 2011 година. Оваа социјална мрежа е многу популарна во Кина и се користи за испраќање пораки, но и за е-продажба и плаќање. Како и да е, оваа платформа не успеа, барем досега, да се пробие на интернационалниот пазар.

QQ е многу постара социјална мрежа која на корисниците им нуди онлајн социјални игри, музика, шопинг, микроблогирање, филмови, како и можност за групен и гласовен разговор.

Инстаграм, кој е доста популарен и во Македонија, го држи седмото место со 600 милиони активни корисници.

Што би заклучиле од овие бројки?

Од овие официјални податоци, кои најголем дел ги пронајдовме на сајтот Статиста (кој е портал за статистички информации), издвојуваме неколку заклучоци. Најпопуларните социјални мрежи во суштина имаат голем број на корисници кои покажуваат огромен user engagement или (интерес за интеракција). На пример, фејсбук беше првата онлајн социјална мрежа во историјата на човештвото која надмина 1 милијарда активни корисници, а од друга страна пак Pinterest беше платформата која најбрзо достигна 10 милиони поединечни месечни посети.

Најголемиот број  на социјални мрежи потекнуваат од САД. Кинеските социјални мрежи во суштина, иако имаат голем број на корисници поради големината на кинеското население, сепак не успеваат да ги надминат границите на кинеската држава.

За што најчесто се користат социјалните мрежи?

Користењето на социјалните мрежи од страна на корисниците е многу разновидно: платформите како Facebook или Google+, се фокусираат врз размената на искуства помеѓу пријатели и роднини и постојано ја форсираат интеракцијата преку слики, споделувањето статуси и социјални игри. Останати социјални мрежи, како на пример Tumblr или Twitter, се фокусирани врз брзата комуникација и уште се нарекуваат и микроблогерски платформи. Трети социјални мрежи се фокусираат пак на заедницата; четврти ја потенцираат можноста за генерирање содржини од страна на самите корисници итн.

Текстот е првично објавен на блогот Tivius.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365