Истражувачите на Rakuten Marketing и Morar Consulting разговараa со 200 британски огласувачи кои работат на проекти со инфлуенсери и заклучија дека брендовите се спремни да платат околу 12% повеќе за Facebook промоција отколку за YouTube.
Неодамнешното истражување на агенциите Rakuten Marketing и Morar Consulting покажа дека некои британски брендови се спреми да платат дури до 75,000 фунти за еден пост на Фејсбук од позната славна личност, додека таа бројка за истата услуга на YouTube изнесува околу 67,000 фунти. Третото место го држи Твитер, каде за еден твит од позната фаца биле спремни да искешираат околу 65,000 фунти. Познатите Инстаграмџии (да бидеме реални – Инстрамграмџики) можат да наплатат до 60,000 фунти од фотка. За пост на Snapchat, каде видеозаписите или фотографиите ги снемува после 24 часа – се плаќа до 53,000 фунти.
Истражувањето исто така покажало дека и покрај вредноста која брендовите очигледно ја препишуваат на високо-профилните инфлуенсери, мнозинството на испитаници (86%) признава дека не им е баш јасно како се пресметува вредноста на услугите од инфлуенсери.
За потребите на оваа студија, Rakuten Marketing направи и дефиниција на тоа што значи славен инфлуенсер: “личност која има повеќе од 1 милион следбеници на некоја социјална мрежа.“
“Поефтината“ верзија е наречена микро-инфлуенсер и во таа група се “фаците“ до 10,000 следбеници.
За предизвиците со кои маркетерите се соочуваат кога е во прашање маркетингот со инфлуенсери изминатиов период се пишуваше доста и на М365, при што главните прашања секогаш беа поврзани со менаџирањето на овој “медиум“, хонорарите и мерењата.
Многу агенции низ светот исто така последниве години почнаа да се уфрлаат во ова поле. Во Македонија пред две години добивме и агенција специјализирана за поврзување со спортски “бренд амбасадори“ – КМГ Спорт, а деновиве сме сведоци и на проектот на Пепси во кој се вклучени Маријана Станојковска, Викторија Лоба и др., кои промовираат актуелна кампања на брендот поврзана со претстојниот Супер Куп. Иако за јавноста изостанува информацијата колку пари заработуваат домашните селебрити инфлуенсери од своите промо-активности на социјалните мрежи, сепак веруваме дека брендовите во иднина ќе бидат по-отворени и за овој начин на комуницирање на својот бренд и редовно во своите кампањи ќе вклучуваат популарни лица од онлајн светот.