Пишува: Лолита Цимеркова, Marketing & Business Advisor | PhD(c.) in Business Administration
Во маркетингот отсекогаш сме работеле со идеи. Анализираме пазари, го следиме однесувањето на потрошувачите, препознаваме потреби, развиваме концепти и размислуваме како одредена вредност да ја преточиме во производ, услуга или корисничко искуство.
Сепак, долго време постоеше една прилично јасна професионална граница: маркетерот можеше да ја осмисли идејата, да ја аргументира и да ја претстави, но за нејзината техничка реализација беше потребен друг профил на експертиза. Развојот на генеративната вештачка интелигенција, а особено концептот на “vibe coding”, почнува да ја менува токму оваа граница.
Поедноставено, “vibe coding” подразбира создавање софтвер со помош на AI преку инструкции на природен јазик, при што корисникот во голема мера се фокусира на тоа што сака да изгради, додека алатката помага во генерирањето и прилагодувањето на кодот.
За маркетерите ова не значи преземање на улогата на софтверските инженери. Многу позначајно е нешто друго: се скратува патот од замислена идеја до нејзина прва функционална верзија.
Кога идејата повеќе не мора да чека техничка реализација
За маркетерите и креативците ова е значајна промена.
Идеја за “landing page”, едноставна апликација, “dashboard”, интерна алатка или ново дигитално корисничко искуство повеќе не мора да остане само во презентација, “wireframe” или детално напишан бриф. Со денешните AI алатки, дел од овие идеи може релативно брзо да добијат работна форма, да бидат ставени пред корисници и, што е уште поважно, да се провери дали воопшто вреди понатаму да се инвестира во нив.
Замислете, на пример, маркетинг тим кој има претпоставка дека на клиентите им е потребна интерактивна алатка што ќе им помогне полесно да изберат соодветна услуга. До неодамна, таквата идеја најчесто требаше да помине низ бриф, дизајн и развој пред воопшто да стигне до корисникот. Денес, првата работна верзија може да се тестира многу порано. Токму тука, ја гледам суштинската вредност на “vibe coding” за маркетингот. Не во фактот дека маркетерот може да генерира код, туку во можноста побрзо да провери дали една добра идеја навистина функционира и надвор од презентацијата.
Маркетингот одамна не е само комуникација. Тој подразбира разбирање на пазарот, идентификување потреби, креирање вредност и нејзино соодветно позиционирање. Ако технологијата овозможува дел од тие претпоставки побрзо да ги претвориме во нешто што корисникот може да го види, користи и оцени, тогаш добиваме сосема поинаков простор за експериментирање и учење.
Кога извршувањето станува подостапно, идејата станува поважна
Тука се појавува еден интересен парадокс.
Колку повеќе технологијата го олеснува создавањето, толку помалку конкурентска предност претставува самата способност нешто да се создаде. Во таква средина, сè поважни стануваат прашањата: Што создаваме? За кого? Кој проблем го решаваме? И со каква деловна цел?
AI може да помогне во генерирањето код и создавањето прототип, но не може автоматски да гарантира дека сме го идентификувале вистинскиот проблем, дека доволно добро го разбираме корисникот, дека постои реална пазарна потреба или дека решението има одржлива комерцијална логика. Токму затоа стратешкото маркетинг размислување не станува помалку релевантно со развојот на AI.
Напротив.
Способноста да се постави вистинското прашање, да се препознае проблем кој вреди да се решава, да се разбере контекстот во кој корисникот носи одлука и да се дефинира вредност за која некој навистина би платил, станува уште поважна кога техничката реализација е достапна за многу поголем број луѓе.
Маркетерот не станува програмер
Важно е, сепак, да не ја преценуваме технологијата.
Фактот дека некој со помош на AI може да создаде функционален прототип не значи дека може да изгради професионален софтверски систем. Безбедноста, архитектурата, интеграциите, управувањето со податоци, стабилноста и скалабилноста бараат сериозна инженерска експертиза. Затоа, “vibe coding” не го гледам како конкуренција на “software engineering”, туку како дополнителен простор во раните фази на развојот, во кој маркетер, креативец, претприемач или product професионалец може да провери концепт, да изгради прва верзија и да добие реакција од пазарот пред да влезе во посериозен процес на развој. Тоа не ја намалува вредноста на инженерот. Напротив, може да придонесе до инженерските тимови да стигнуваат подобро разработени, тестирани и порелевантни идеи.
Се менува и профилот на маркетерот
Токму затоа дискусијата за “vibe coding” е поголема од дискусијата за уште една AI алатка. Таа отвора пошироко прашање: како ќе изгледа профилот на маркетерот во следните години?
Маркетерот и понатаму ќе мора да го разбира пазарот, стратегијата, позиционирањето, брендот, однесувањето на потрошувачите и комерцијалната логика. Но сè поголема вредност ќе има способноста тоа знаење да го поврзе со технологијата. Не е неопходно маркетерот професионално да програмира. Поважно ќе биде да разбира што технологијата овозможува, каде се нејзините ограничувања и како може да ја употреби за побрзо тестирање на сопствените деловни и маркетинг претпоставки.
Токму тука ја гледам вистинската вредност на оваа промена. Кога периодот помеѓу појавата на една идеја и нејзиното реално тестирање на пазарот значително се скратува, се менува и начинот на кој организациите иновираат, учат и носат одлуки. Веројатно токму затоа “vibe coding” заслужува внимание и надвор од технолошките кругови.
За маркетингот, ова не е само прашање на нова алатка. Тоа е постепено проширување на просторот во кој маркетерот може не само да предложи идеја, туку и да помогне таа побрзо да стане нешто што може да се види, тестира и валидира на пазарот.

















