Пишува: Сашо Дуљанов
Никогаш не сме имале повеќе комуникациски канали, формати и технологии, а сепак најголемиот проблем на брендовите останува ист: недостигот од добра идеја. Вештачката интелигенција веќе е дел од работата на многу агенции, затоа што ја зголемува ефикасноста и им помага да останат конкурентни, особено на регионалниот пазар. Прашањето одамна не е дали да се користи ВИ, туку како и колку. Технологијата може да го забрза создавањето содржина, медиумскиот буџет да го зголеми досегот, но ниту едното ниту другото не може да ѝ даде значење на пораката ако таа нема јасна суштина.
Да се дојде до добра идеја и силна комуникациска содржина останува предизвик и во време на ВИ. Алатките засновани на вештачка интелигенција помагаат во истражувањето, структурирањето информации и во приспособувањето на содржината, но и покрај тоа човечкото разбирање на контекстот, емоциите и ризиците останува клучно.
Зад секоја успешна кампања – без разлика дали се појавува на телевизија, интернет-портал, билборд, Инстаграм или ТикТок – стои истата основа: добра идеја преточена во релевантна содржина. Содржината е срцето на ефикасната комуникација, а каналот за дистрибуција, иако важен, останува второстепен. Добрите идеи не предизвикуваат само внимание; тие градат долгорочна вредност за брендот, креираат преференција кај публиката и ја зацврстуваат неговата релевантност на пазарот. Изборот на каналот ја определува ефикасноста – или како со помалку средства да се постигне повеќе. Но ако идејата не е добра, нема да помогнат ниту прецизното планирање ниту поголемиот буџет.
Ако пораката не е јасна, ниту најголемиот буџет, ниту најпопуларниот инфлуенсер, ниту најсовремениот формат нема да дадат резултат.
Оттука се наметнува суштинското прашање за секој бренд: кој е неговиот водечки производ, која е неговата приказна и што го прави посебен за јавноста да го забележи и да го издвои на пазарот? Профитабилноста на една компанија денес не расте само со повеќе произведени комуникациски материјали, туку со создавање автентични комуникациски идеи за кои луѓето навистина ќе зборуваат.
Секој бренд и секоја компанија треба да истакнат по што се посебни и по што се издвојуваат за соодветно да изберат да ја раскажат својата приказна. Дури потоа доаѓа прашањето: „Кој канал е најефикасен?“ За ова нема универзален одговор, бидејќи изборот зависи од содржината, од моменталната позиција на брендот и од тоа каде сака да биде во иднина.
Наједноставниот одговор е дека најефикасен е каналот што ја поврзува вистинската порака со вистинската публика во вистинскиот момент. Секој канал има свои предности и ограничувања. Телевизијата и платениот медиумски закуп и натаму обезбедуваат брз и масовен досег, ПР-от гради кредибилитет преку квалитетна содржина, медиумски авторитет и приказни што заслужуваат внимание, додека инфлуенсерите внесуваат личен тон и овозможуваат пристап до специфични целни групи, а социјалните мрежи нудат директен дијалог, прецизно насочување и брза повратна реакција.
Со платени реклами се закупува простор во медиумите, но не значи дека со тоа ќе се купи и довербата на гледачите. Ако сакаме да ја освоиме доверба, треба да ги одбереме најдобрите ПР алатки. Односите со јавноста градат доверба, долгорочна репутација, а ефектот не треба да се мери само со бројот на објави. Инфлуенсерскиот маркетинг пак може да донесе силно влијание, но само кога изборот на креаторот е автентичен и усогласен со вредностите на брендот. Социјалните мрежи, од друга страна, се моќни, но без јасна уредувачка линија лесно се претвораат во бескрајна продукција на содржини без препознатлива идеја и ефект.
Затоа, за ниеден канал не можеме да кажеме дека е најефикасен во секоја ситуација, треба да се процени ефектот, но секако е најдобро кога каналите на комуникација се комбинираат. Стратегијата ја определува улогата на секој канал, а содржината мора да биде внимателно одбрана и да одговара на сите платформи. Сè што се создава треба да биде дел од единствена комуникациска архитектура, усогласена со суштината на брендот и со пораката што сака да ја испрати.
Во таква средина, ПР-агенцијата не треба да биде само посредник меѓу клиентот и медиумите, туку партнер за раст. Таа треба да ги разбира деловната стратегија на клиентот и културата на брендот, но и да ги следи податоците, технологијата и однесувањето на публиката. Тука би ја истакнал важноста за навремен и прецизен бриф и отворенат комуникација од доверба. Само така специјалистите за односи со јавноста може да создаваат идеи што функционираат во различни формати – од новинарска приказна и видео од настан, до поткаст и искуства на корисниците.
Технологијата ќе се менува, а каналите ќе се множат. Но нема да успеат брендовите со најмногу содржина, туку оние кои имаат да кажат нешто важно, различно и релевантно. Каналите носат видливост, но само добрата идеја создава значење, доверба и долгорочна вредност, без неа, никој вистински нема да ве слуша.













