Пишува: М-р Сотир Сотировски
Живееме во време кога технологијата го менува начинот на кој мислиме, комуницираме и се поврзуваме. Медиумите повеќе не се само канали за информација туку тие се просторот каде се обликува идентитетот на едно општество, неговата самодоверба и неговата визија за иднината.
Затоа денес, повеќе од кога било, националниот медиски сервис мора да има јасна мисија: да ја зачува традицијата, но и да ја води државата во дигиталната иднина.

Телевизијата и МРТВ не смее повеќе да остане институција на минатото. Таа мора да стане модерна дигитална платформа, достапна на секој уред, во секое време, за секоја генерација. Новите технологии не се закана за националниот медиумски простор, туку можност да го прошириме неговото влијание. Дигиталните архиви, платформите на барање, интерактивните програми и новите формати можат да ја направат културата подостапна од кога било досега.
Посебно место во националниот медиски систем има и македонското радио, медиум кој останува најлесно достапен до граѓаните, без разлика каде се наоѓаат и што прават.
Радиото има уникатна магија: дури и кога луѓето се зафатени со секојдневни обврски, патуваат, работат или се движат, тоа им прави “друштво” и обезбедува постојан тек на информации. Денес, со дигитализацијата и со апликациите за паметни уреди, можностите за негов развој се практично неограничени. Македонското радио може да стане глобално достапна платформа, која ќе ја носи македонската музика, култура и глас до секој слушател- дома и во дијаспората. Со современа дигитална трансформација, радиото може да го задржи својот интимен карактер, а истовремено да стане модерен, динамичен и инстант информативен сервис за новото време.
Но дигитализацијата не е само техничко прашање. Таа е прашање на национална стратегија. Особено кога зборуваме за македонската дијаспора.
Денес стотици илјади Македонци живеат надвор од татковината, но нивната врска со јазикот, културата и традицијата често зависи од медиумите. Националниот сервис треба да биде нивниот најсилен мост со Македонија – жив, современ, достапен и релевантен. Не само како информативен извор, туку како културен дом.
Дигиталните технологии ни овозможуваат македонската песна, фолклорот, јазикот и современата култура да бидат присутни во секој дом, без разлика дали тој е во Скопје, Мелбурн, Торонто или Берлин. Тоа не е само медиумска задача. Тоа е национална обврска.
Но улогата на медиумите не завршува со културата и идентитетот. Таа директно се поврзува и со економскиот развој.
Современите национални телевизии се двигатели на креативните индустрии, на иновативните бизниси и на претприемничката култура. Кога медиумите создаваат простор за идеи, знаење и инспирација – тие создаваат економија што расте од сопствениот потенцијал.
Потребни ни се програми што ќе го промовираат претприемништвото, ќе ги раскажуваат приказните на успешните луѓе, ќе ги охрабруваат младите да создаваат, да инвестираат и да ризикуваат. Медиумите можат да бидат училница за економска писменост, лабораторија за идеи и платформа за нови генерации визионери.
Кога телевизијата инвестира во домашна продукција, таа инвестира во работни места, во креативни професии, во индустрии што ја движат економијата напред.
Нацијата се гради преку културата.
Но државата се развива преку знаењето, иновацијата и претприемништвото.
А медиумите се местото каде овие две сили се среќаваат.
Затоа верувам дека националниот медиумски простор и МРТВ како куќа мора истовремено да биде чувар на традицијата и мотор на иднината. Да го зачува фолклорот, но и да ги отвори вратите за новите идеи. Да ја негува националната меморија, но и да ја гради економската самодоверба.
Телевизијата има моќ да ја обедини нацијата, дома и во светот!
Да ја зајакне културната самобитност.Да го поттикне економскиот развој.
Да создаде чувство дека сме поврзани, без разлика каде живееме.
Ако ја разбереме таа улога и ако ја искористиме мудро, медиумите нема само да ја следат иднината туку тие ќе ја создаваат.















