Американскиот бренд за прехранбени производи Kraft Heinz и медиумскиот гигант The Walt Disney Company најавија ново долгорочно партнерство што ќе опфаќа заеднички огласувачки кампањи, забавни паркови, крузери, стриминг-платформи и настани за обожаватели. Соработката започнува со кампањата „Together at Last“ („Конечно заедно“), која ги спојува препознатливите производи на Крафт Хајнц со познатите приказни и ликови на Дизни.
Главниот рекламeн спот прикажува креативни сцени инспирирани од филмовите на Дизни. Шише кечап се издигнува во воздух како Симба од „The Lion King“, маршмелоу-колачињата Jet-Puffed се претвораат во снешкото Олаф од „Frozen“, а производите на Крафт Хајнц ја создаваат препознатливата силуета на замокот на Дизни. Наместо производите само да се појавуваат во филмски сцени, тие стануваат дел од самиот свет на Дизни.
Креативната платформа е развиена од агенцијата Rethink, а централниот рекламен филм е режиран од Мет Барон од Felon Studios. Авторите го осмислиле како едно непрекинато патување низ кујна, исполнето со бројни детали и визуелни алузии што можат да се забележат дури по повеќекратно гледање.
Кампањата ќе продолжи со билборди и дигитални платформи, следејќи ја истата идеја – како би изгледале производите на Крафт Хајнц доколку отсекогаш биле дел од светот на Дизни. Во секоја реклама, производите и филмските референци имаат подеднакво важна улога.
Но, партнерството нема да се ограничи само на маркетингот. Десет брендови од портфолиото на Крафт Хајнц ќе бидат вклучени во нови менија, гастрономски понуди и искуства во забавните паркови и одморалишта на Дизни, а низ парковите ќе бидат поставени специјално дизајнирани Heinz станици за сосови. Слични содржини се планирани и на крстаречкиот брод на Дизни и на други локации за храна.
Првиот голем настан во рамките на партнерството ќе се одржи во рамки на “D23: The Ultimate Disney Fan Event” во Анахајм, од 14 до 16 август. Heinz ќе претстави четири нови сосови, а првите 570 посетители секој ден ќе добијат колекционерска значка во ограничено издание. Од Крафт Хајнц и Дизни велат дека ова е само почеток на поширока соработка, преку која во наредните години ќе понудат нови содржини и искуства за љубителите на Дизни ширум светот.




















