Јамшид Аламути, извршен директор и ко-основач на Pi School од Италија, е главен говорник на овогодинешниот, петти по ред регионален форум на комуникациски лидери IZAZOV 2019 кој ќе се одржи на 25 и 26 март во хотелот Hyatt Regency во Белград. Тој ќе зборува на тема “Creativity driven Transformation“, односно за нов процес на креативноста и како тој може да се користи во решавање на вистинските проблеми и трансформирање на бизнисот.
По тој повод, разговаравме со него за тоа како изгледа креативната организација на иднината, како организациите се определуваат за најсоодветен бизнис модел и дали постои некој вид јаз меѓу креативните таленти и традиционалните работни модели.
Според Ваше мислење, како изгледа креативната организација на иднината?
Од аспект на структурата, тоа е децентрализирана организација, агилен колектив со посебен фокус. Всушност, тоа се повеќе мали креативни организации, но секоја од нив има силен фокус на една тема. Ова е нешто што ќе биде многу покорисно и попрактично во процесот на развој на производи и услуги за клиентите.
Како агенциите и компаниите можат да ја користат креативноста за да го трансформираат својот бизнис?
Креативноста отсекогаш била користена во процесот на трансформација на бизнисот, ова не е ништо ново. Прашањата на кои агенциите и компаниите ќе треба да најдат заеднички одговори се како да се користи креативноста за да се направи вистинско влијание и да се решат проблемите на нивните брендови, производи и услуги. Креативноста сè повеќе ќе се користи во иднина за решавање на проблемите, а не за продажба.
Дали еден бизнис модел “функционира” за сите агенции? Зошто?
Апсолутно не. Агилните агенции на иднината ќе се фокусираат на решавање на различни проблеми, врз основа на нивните специфични знаења и таленти. Секое концепциско решение ќе има поинаков модел, различен тип на клиент, различен тип на потрошувачи или целна група и следствено, тоа бара поинаков бизнис модел. Влегуваме во ерата на она што јас го нарекувам “колективен индивидуализам”, сè ќе биде прилагодено, така што ќе имаме бизнис модел за секоја специфична услуга.
Според Вас, дали има некој вид јаз помеѓу креативните таленти и традиционалните бизнис модели? Какви таленти преферираат организациите денес?
Апсолутно! Јазот помеѓу креативните таленти и традиционалните бизнис модели е огромен. Клучна бариера: денешните традиционални агенции и компании се уште го следат стариот начин на вработување, интервјуирање и со тоа го поддржуваат традиционалниот концепт на образование и диплома. Во исто време, организациите продолжуваат да се обидуваат да ја продадат истата стара слика, а младите таленти ја следат истата шема без преиспитување и откако ќе влезат во корпоративниот свет, сфаќаат дека системот е лош и нефункционален. Талентите на денешницата и иднината имаат потреба од сопственост над визијата, им треба флексибилност, мора да веруваат и да ја видат целта на организацијата.
Кој ќе биде најголемиот предизвик за креативната индустрија во 2019 година?
Поблиска интеграција на технологијата, прилагодување на потребите на идните генерации и нивните животни навики, воспоставување ново разбирање на креативниот процес со цел да се одговори на општествените и корпоративните предизвици.
Зошто транспарентноста и одговорноста во индустријата се толку важни за сите нас?
Транспарентноста, одговорноста, одржливоста и свесноста отсекогаш биле важни. Ова не се промени во ниту еден момент. Значи, прашањето не е зошто тие се важни, прашањето е што да се направи за организациите да ја разбираат сериозноста на интегрирањето на овие зборови во нивната култура и како тие да се претворат во стратегија која може да делува. Оние организации кои не го прават тоа, ги губат талентите, ги губат потрошувачите и соодветно, ги губат своите инвеститори.
***
Повеќе информации за форумот IZAZOV 2019 пронајдете на сајтот: www.izazovforum.rs