Home » Во фокусот » Колумна: Истражување и Развој како најзначајна конкурентска предност на компаниите во денешницата!

Колумна: Истражување и Развој како најзначајна конкурентска предност на компаниите во денешницата!

Автор: Сергеј Зафироски, основач и генерален менаџер на агенцијата за истражување на пазарот и стратегиски маркетинг Инсајдер ИД

Секоја држава има потреба од зголемување на БДП, здрави и силни домашни компании, креирање на нови работни места, девизен прилив, домашен know-how и уште многу други апекти кои сочинуваат една здрава економија. Еден од индикаторите кој кажува колку една економија е силна е процентот кој го издвојува бизнис секторот за истражување и развој, кој во Македонија изнесува приближно 0.44% од БДП или 55 милиони евра годишно, вклучувајќи ги и јавните институции кој во светски рамки е на многу ниско ниво.

Во последните неколку години се поголем е притисокот за зголемување на стандардот на живеење на граѓаните во Македонија што е очекувано, но домашните и донекаде странските компании не можат да ги пресретнат очекувањата и барањата во поглед на работни места и финансиски бенефити.

Зашто е тоа така? Која е причината што македонските компании, со исклучок на ИТ сегментот, стагнираат дури и го намалуваат работењето?

Иновативните компании и држави ги влечат највисоките профити и се апсолутно надредени во однос на сите останати. Финансиите овозможуваат бизнисот да го прошират и унапредат, а со тоа и дополнително да ја зголемат својата конкурентска предност. Како пример, една од најиновативните компании во свет Apple во еден момент поседува готовина од 100 милијадри американски долари (приближно годишни БДП на Македонија).

Постојат две стратегии за раст на една економија, односно три доколку се комбинираат основните. Првиот е зголемувањето на Странски Директни Инвестиции (СДИ) без кои не може ниту една светска економија, но на долг рок самите по себе не придонесуваат реално за екомонијата, и втората е развој на домашни компании која е многу потешка за исполнување во држави како Македонија каде домашното стопанство е генерално неразвиено без јадро на компании кои ќе ја влечат економијата. Хибридната верзија која подразбира паралелно зголемување на СДИ и “повлекување” на нивното know-how и пренесување во домашните компание е иделно решение, кое на долг рок треба да придонесе за баланс и изедначување помеѓу работањето и квалитетот на домашните и странските компании (Соодветен пример: Кина).

Под силни домашни компании не се подразбираат тие кои произведуваат полупроизводи или суровини, туку готов производ кој може да се конкурира како на домашниот така и на странскиот пазар. Македонија има сериозен недостаток на компании кои произведуваат готови производи или услуги, кои носат висока дополнителна вредност. Најчесто компаниите произведуваат полупроизводи или суровини кои ги извезуваат за многу ниска цена со мала заработка. До пред неколку години Македонското вино беше пример за извоз на производ со многу мала додадена вредност која можеше неколку кратно да се зголеми само со негово пакување во шишиња.

ИТ компаниите имаат висок поврат на вложените средства и високи профити во Македонија, но само поради фактот што цената на трудот и сите останати трошоци е многу пониска во однос на западните земји а квалитетот е на приближно ниво, додека ретки се компаниите кои имаат комплетен и готов производ дури и од тој сегмент.

Во последните неколку години, постојат неколку иницијативи (инкубатори, фондови, аклецелератори) кои се со цел да ја поттикнат иновативноста во Македонија и во одредени сегмент извршуваат одлична работа, но поголемиот дел од нив се насочени кон ИТ секторот. Непостоење на дизертификација и поттикнување и во останатите сектори може да започнат со сериозно инвестирање во истражување и развој може да доведе на долг рок тие сектори и компании во иднина да бидат преземени од поголеми регионални и светски “играчи”.

Што претставува истражувањето и развојот? Континуирано вложување на средства во унапредување на работењето во секој сегмент на компаниите, од интерните процеси и унапредување на продуктивноста на трудот, до развој, тестирање и претставување на нови производи и услуги на пазарот или нови пазари во целост. Всушност единствениот начин на кој компаниите можат да остварат конкурентска предност е континуирано истражување и развој како и култура во компаниите која ќе поттикнува постојано усовршување, а во насока на произведување на готови производи и услуги со висока додадена вредност.

Реалност е дека, размислувањето на Македонските компании за R&D е дека претставува процес што повлекува големи средства и од кој најчесто исходот е негативен односно неуспешен, поради тоа воопшто и не се осмелуваат да започнат со таква активност. Сеуште голем дел од компаниите се водат на интуиција или пак парцијални непрофесионални истражувања кои се во насока секогаш да бидат позитивни, дури и тогаш кога имаат негативен исход се продолжува со имплементација. Македонските компании кои во својата структура имаат Сектор специјализиран само за R&D се многу ретки.

Истражување и развој е секако ризичен, но не е скап процес доколку се организира и имплементира како што е потребно. Бенефитите од такви активности неколкукратно го зголемуваат и подобруваат работењето на компаниите и нивниот профит. R&D е единствениот начин како да се постигне или престигне нивото на странските компании.

Лично и компаниски сме насочени кон Истражување и Развој на нови производи/услуги кој е само дел од целосниот R&D и во секторот на широка потрошувачка. Иако интересот на домашните компании е многу низок, ние се обидуваме да организираме континуирани истражува кои би можеле да дадат насока за развој и пласман на нови производи и услуги кои на нас и нашите партнери би им донеле конкурентска предност.

Процесот започнува со имплементација на систем за континуирано следење на потрошувачките навики, дефинирање на промени во навиките или трендови за развој на нови производи, креирање на тест производи, тестирање во контолни групи и пазарно тестирање пред лансирање на самиот производ и на крај доколку сите претходни чекори се позитивни пласнам на самиот производ. Се нарекува процес бидејќи побарува континуирано повторување на сите активности и постоење на неколку различни фази за различни производи во ист момент.

Што поскоро Македонските компании осознаат дека единствениот начин да се одржи и зголеми нивниот успех е истражувањето и развојот на нови производи тоа е поголема веројатноста домашната економија да доживее напредок и развој. Моменталниот концепт на следење на светските трендови во следната декада ќе биде неефективен, бидејќи рокот на појавување на нови производи или унапредени производи е толку краток, што компаниите – имитатори додека да ја лансираат копијата ќе добијат сосема нов унапреден конкурент на пазарот кој порвторно ќе треба да го копираат. Во моментот тоа е случај со смарфон индустријата, каде по претставување на најновиот модел од една компанија со највисоки перформанси и карактеристики, се заменува со нов по неколку месеци со уште подобар квалитет. Сега е за неколку индустрии, во иднина ќе биде за сите.

Предлог за воспоставување на интерно истражување и развој:

1.     Преземање на чекори во имплементација на активности кои би го унапредиле секојдневното работење, и охрабрување на вработените да размислуваат во насока на истражување и развој и давање на предлози;

2.     Креирање на мали мултифункционални тимови кои ќе се занимаваат истражување и развој со поддршка од надворешни експерти и компании;

3. Вработување на координатор со полно работно време и формални тимови кои ќе работат на истражување и развој;

4.     Формален R&D сектор во компанијата;

За формална структура односно депарман за R&D потребно е многу време, визија и култура кај вработените за да има успех. Повеќето малите и средните компании е доволно да ги запазат првиот и вториот чекор, кои ќе им овозможат да добиваат постојано нови и напредни идеи за подобрување на бизнисот кои во комбинација со многу пофлексибилната организациска структура ќе остварат високи резултати.

Со дадените предлози за мали и средни препријатија и финансиски нема никаков дополнителен издадок доколку ги организира интерни мулнифункционални тимови кои ќе се занимаваат со посочената проблематика.

Како заклучок, истражувањето и развојот се единствената опција на домашните компании да остварат повисоки поврати, а со тоа и да ги зголемат внатерешните инвестиции и капацитети. Се додека на R&D се “гледа” како на нешто што е резервирано само за големите мултинационални претпријатија и како непотребен трошок нема да се овозможи развој и зголемување на конкурентноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365