Данскиот бренд на играчки LEGO ја лансираше “Play Unstoppable” („Играј незапирливо“) – нова кампања која го слави бескрајниот потенцијал на девојчињата кога им се даваат можности да играат без ограничувања.
За да покаже што девојките можат да постигнат кога имаат простор и слобода да играат отворено и жестоко, LEGO се здружи со некои од најголемите ѕвезди во женскиот фудбал: поранешниот капитен на женската репрезентација на САД, Меган Рапино, мултиталентираната Јуки Нагасато, напаѓачот од светска класа Сем Кер и светската суперѕвезда Асисат Ошоала.
Нивните минифигурини ќе бидат дел од комплетот “Icons of Play”, составен од 899 парчиња кои кога споени формираат стадион, трибина исполнета со навивачи, па дури и камери за VAR со кои судиите се консултираат. Комплетот ќе вклучува 15 минифигури – пет играчи, четири од кои ќе наликуваат на фудбалерките споменати погоре, потоа осуммина навивачи, тренер и судија.
Комплетот LEGO Icons of Play ќе биде достапен од 6-ти јуни на LEGO.com/icons-of-play и во LEGO продавниците ширум светот по цена од 99,99 евра/99,99 долари.
LEGO исто така склучи партнерство со US Soccer Foundation за да изгради три постојани терени за мини-фудбал низ земјата и да обезбеди пристап до спортот за непривилегираните. Во Австралија, пак, компанијата ќе соработува со Football Australia преку Legacy ’23 и Our Game за да развие платформа која ќе се бори против родовите стереотипи во фудбалот и ќе ги охрабрува девојките да бидат незапирливи.
„Кога имаат простор и слобода целосно да се изразат, девојките се незапирлива сила во светот. Тие се разиграни пронаоѓачи, љубопитни научници, смели сонувачи и храбри авантуристи – и токму тоа го слави Play Unstoppable“ – посочува Џулија Голдин, главен директор за производи и маркетинг во Lego Group.
Кампањата се реализира преку in-house креативниот тим на компанијата, The Lego Agency APAC. Централниот спот е режиран од страна на Даниеле Катван од продукциската куќа 1stAveMachine.