Американскиот бренд на вода во алуминиумски лименки Liquid Death, препознатлив по своите „откачени“ реклами, се реши да ја продолжи „традицијата“ со нова кампања која овој пат се фокусира на борба против пластичниот отпад.
Главна ѕвезда на новата кампања е познатата комичарка Витни Камингс која заедно со Liquid Death предлагаат „генијално“ решение за пластичниот отпад – да биде претворен во пластични козметички импланти. Се разбира, ништо од ова не е сериозно, па од брендот појаснуваат дека употребата на „рециклирана пластична хирургија“ е сé уште нелегална во сите 50 американски сојузни држави.
Целта на рекламата е всушност да го предизвика вниманието на јавноста за проблемот со пластичниот отпад и колку малку тој навистина се рециклира, цитирајќи една студија од 2022 година на Гринпис која сугерира дека само 5% од пластичниот отпад кој го генерираат домаќинствата се рециклира, а сè друго оди на депонија. Брендот ги поттикнува потрошувачите да размислат кога следен пат купуваат вода дали тоа ќе биде во пластична амбалажа или во нивните алуминиумски лименки кои можат да се рециклираат бесконечно.
Како дел од кампањата, Liquid Death ќе продава и промотивен материјал брендиран со предложениот „Центар за рециклирана пластична хирургија“ (Recycled Plastic Surgery Center). Дел од приходите на брендот, собрани од продадената вода и промотивен материјал, ќе бидат донирани на добротворната организација Thirst Project, која обезбедуваат безбедна вода за пиење, како и организацијата 5 Gyres која помага во чистење на океаните од пластичен отпад.