Сервисот Statistika.mk, овозможува преглед на податоци од, во моментов, 239 веб портали вклучени во сервисот (не се вклучени сите македонски портали, но бројот постојано се зголемува) меѓу кои и бројот на објавени артикли по час во последните 12 часа, вкупен број на објавени артикли по медиум во последните 3 дена или збир на нивните FB интеракции (engagements) поделени по повеќе параметри.
На пример, ако сакаме да видиме кои портали (вклучени во сервисот Statistika.mk) објавиле најмногу вести во текот на последните 3 дена, забележуваме дека прв на листата е порталот на државната информативна агенција – MIA.mk со 607 објавени артикли од кои 513 се категоризирани како вести, 76 како спорт и 15 како забава.
Во делот Articles, постојат повеќе категории на веб сајтови за поточна споредливост на сајтови од сличен вид. Ако се кликне на некој веб портал (Sources), сервисот покажува своевидна “крвна слика“ на порталот, презентирајќи податоци за вкупниот број на објавени артикли, просечен број на артикли по ден или ФБ активности поврзани со споделените статии од тој извор. Од левата лента каде се избираат порталите, може да се видат сите извори, а посебно се означение оние кои се дел од ИАБ, асоцијацијата која се грижи за унапредување на дигиталниот маркетинг во Македонија и што покажува своевидна гаранција дека почитувајќи го Етичкиот Кодекс на ИАБ се придржуваат кон стандардите за професионалност и транспарентност.
Во делот “Facebook” можат да се видат параметрите за интеракциите кои споделените статии од веб порталите во тотал ги остваруваат на социјалната мрежа Фејсбук.
На пример ако се рангираат порталите по бројот на reactions, може да забележиме дека најмногу интеракции на споделените статии во последните 3 дена оствариле infomax.mk, republika.mk и gol.mk, што е разбирливо со оглед на актуелните политички и спортски теми кои доминираат во јавноста периодов.
Ако се рангираат порталите според параметрот talking about, се забележува дека на првите 5 места котираат забавни портали (motika.mk, skopjeinfo.com, zase.mk..) па потоа следува телевизијата TV21 која е прва помеѓу веб порталите на телевизиските станици во Македонија пред порталите на Sitel и Kanal5.
Ако се подредат порталите според бројот на коментари кои нивните артикли ги изнудиле од Фејсбук публиката, во изминатите 3 дена предничи republika.mk.
Овие бројки, се разбира, се менуваат повремено во зависност од динамиката на објави, квалитетот на продуцираните вести или “жичката“ која ќе ја погодат при споделувањето на Фејсбук :) Во секој случај, убав начин на брзина да се погледнат некои параметри за македонската веб сцена. Како што ќе се развива Statistika.mk наредниот период и ќе вклучува повеќе извори и алатки, веројатно ќе имаме можност да погледнеме информации кои уште повеќе ќе ја разјаснуваат крвната слика на македонскиот онлајн свет, а тие кои ќе знаат паметно да го искористат сервисот ќе можат да си ја унапредат и својата работа.