Компанијата за платежни услуги Mastercard ја избра агенцијата We Communications за свој нов глобален партнер за комуникации, со што по речиси 14 години завршува соработката со Ketchum. Новиот партнер е избран по конкурентен процес што траел околу шест месеци.
Промената доаѓа во период кога Mastercard настојува да ја прошири својата комуникација надвор од познатата платформа “Priceless”, која речиси три децении е еден од заштитните симболи на брендот.
We Communications ќе се стреми да ѝ помогне на Mastercard пошироко да го претстави своето работење и улогата што ја има во области како што се вештачката интелигенција, автономната трговија, сајбер-безбедноста, дигиталните плаќања и новите форми на трговија.
„Ова партнерство отвора важно ново поглавје за Mastercard“ – посочува Мелиса Вагенер Зоркин, извршна директорка и основачка на We Communications, додавајќи дека целта е да се искористи влијанието на “Priceless”, но и подобро да се објасни поширокиот екосистем на Mastercard и промените во начинот на кој се развиваат парите, вредноста и трговијата во светот.
Соработката е веќе започната, а со глобалните комуникациски активности ќе раководи Линдзи Бастани, раководителка за технологија во We Communications, заедно со посветен меѓународен тим на експерти. Преку ова партнерство Mastercard ќе настојува да го поврзе своето долгогодишно наследство со поширока приказна за технологијата и иднината на трговијата.















