Тешко е да се замисли бренд како Мекдоналдс без своите заштитни бои – црвена и жолта. Златните лакови на Мекдоналдс го издржале тестот на времето и претставуваат симбол на една иконична „институција“ ширум светот. Но, да не бил тогашниот разумен бренд менаџер на компанијата, приказната можела да биде сосем поразлична.
Неодамна, Центарот за дизајнерски студии „Vignelli“ при Институтот за технологија во Рочестер, дигитализирајќи го наследството на дизајнерското студио Unimark International од Чикаго кое банкротирало во 1977, откри предлог-дизајн за Мекдоналдс од 1973 година.
Очигледно е дека дизајнот бил рефлексија на времето во кое е создаден, доаѓајќи од дизајнери кои веројатно припаѓале на високата средна класа. Доминира стандардната картонска кафеава боја, со примеси на психоделија во комбинацијата на боите, фонтовите и повторувањето на текстот.
Но, одразувајќи само еден период, тешко дека овој дизајн би го издигнал брендот до глобалната транс-временска препознатливост која денес ја има.