Home » #M365Voice » MediaVoice – Младен Чадиковски: 2018-та е пропуштена, следната година мора да донесе пресврт на медиумската сцена!

MediaVoice – Младен Чадиковски: 2018-та е пропуштена, следната година мора да донесе пресврт на медиумската сцена!

Младен Чадиковски

M365: Каква година беше 2018 за новинарството, за медиумскиот пазар?

2018 та беше година на нови предизвици во која многу очекувавме, а малку работи се остварија, глобално зборувам во медиумската сфера. Новинарската фела имаше високи очекувања дека медиумски реформи во Македонија ќе се случат а со тоа новинарите и медиуми ќе имаат подобри и пофер услови за работа. Системските реформи во МРТ, во медиумскиот регулатор како и прашањата околу социјалните и работничките права на новинарите останаа нерешени.

Знаете, најголемите медиуми долги години во Македонија имаа стопан, еден вид главен уредник, супервизор врз случувањата и работите на редакциите, и добар дел од нив продолжија така да се однесуваат, само го сменија стопанот. Во такви непазарни услови на функционирање верувајте дека медиумскиот пазар во моментов се соочува со можеби најтешкиот период на функционирање, говорам од финансиски аспект. Ниски цени на реклами, шунд по програмите, турски серии… Нема напредок во телевизиската програма, освен со ситни проблесоци. Новинарството во Македонија е пред силен предизвик, да почнеме полека да го враќаме на вистинските патеки. За тоа ќе треба малку време, но чинам дека има волја и енергија за тоа и сега е најдобро време да се почне со тој процес.

M365: Што е она по што ќе ја паметите 2018 во Телевизија 24, каде сте главен и одговорен уредник?

Телевизија 24 во тој и таков пазар плива сигурно, се етаблиравме како главен стожер во информативниот дел, а воведовме и серија новитети. Имавме истражувачки емисии, направивме и емисија за млади, покрај веќе востановените дебати. Ја зацврснавме довербата на гледачите и остануваме добронамерен критичар, било која власт да е во прашање. Ќе бидам и малку самокритичен, следното на што треба да се фокусираме уште повеќе се истражувањата, знаете за се треба време, новинарската школа во Македонија допрва треба да се враќа, а оваа нова генерација на новинари треба да биде носител на промените. Сега треба да им го покажеме патот.

Особено сме горди што сме прва телевизија која по пауза од многу години донесе една од најсилните лиги во фудбал – Бундес лигата, или што ја имаме формула 1. Тоа не прави  поразлични од сите останати. Правиме доста нови чекори кои ги најавувам за многу наскоро, паралелно со прославата на 8 та годишнина од раѓањето на телевизијата.

M365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР и маркетинг агенциите и медиумите во Македонија?

Искрено кажано, нема некоја сериозна симбиоза во тој дел. Во огромен дел и маркетинг агенциите се одговорни за сиромашната тв понуда. Нема сериозен тв продукт без квалитетен и добро платен маркетинг. Јас сум свесен дека агенциите исто така го делат проблемот со слабата економија, но мора да направат поттик повеќе за зголемување на цените на рекламите. Во спротивно ќе се случува тоа што се случува – парите од маркетинг се одлеваат на странски канали, затоа што таму има поквалитетна програма, спорт и се останато. Не е нормално ниту една национална телевизија да нема некоја силна светска лига во фудбал на пример, или преносите од репрезентација да одат на странски канали со коментатори на странски јазици. Така да, пред целиот медиумски сектор претстои едно рекомпонирање.

M365Која пракса на ПР професионалците ја почитувате најмногу, а која пракса Ви смета најмногу?

Сакам професионален однос. ПР индустријата е нормален сегмент на општеството но таа е спротивставена на новинарството. Новинарот се труди да ги открие слабостите во општеството, ПР стратезите се обидуваат да наметнат мислење и перцепција. Кога е тоа во нормални рамки и со меѓусебно почитување, се е во ред. Станува проблем ако некој сака да ја потцени интелигенцијата на новинарите. Тоа ми пречи.

M365Какви се Вашите желби за годината што претстои, а се поврзани со медиумската индустрија?

Медиумската индустрија во годината пред нас, повторно ќе се соочи со проблемот за кој веќе кажав, недостаток на доволно пари и малиот пазар а со тоа и кревкоста да се одолее на притисоци од страна на центрите на моќ. Време е за една нова медиумска стратегија која треба да ја организира нашиот еснаф со вклученост на сите релевантни чинители.  Владата и Парламентот, исто така, имаат сериозна одговорност да придонесат кон креирање на поволен амбиент за работа на новинарите и медиумите. Владата да понуди квалитетни законски решенија со вклученост на новинарите, а парламентот да не ги кочи процесите. Второ е целосна имплементација на законите на неселективен начин. Функционирање на правото на неселективен начин. Создавање пазарни услови за работа без некои да бидат привилегирани. Ако има квалитетни закони во согласност со стандардите на ЕУ, и неселективен пристап, новинарите и медиумите ќе бидат послободни, а со тоа и покритични. Критиката е предуслов за поуспешно функционирање на институциите.

M365Вашето име се споменува како иден претседател на ЗНМ, здружението што последните години успеа да се наметне како фактор што може да влијае на промените во секторот. Има ли вистина во шпекулациите?

Новинарите ќе одлучат кој треба да биде иден претседател на оваа значајна институција. Велам значајна зошто новинарската професија е слободна, а ЗНМ дава можност за здружување, каде полесно би се остварувале одредени индивидуални или колективни права. Тука е и синдикатот. Има потреба за зголемување на новинарската солидарност и подобрување на етичките принципи. Освен тоа, младите новинари заслужуваат поголема поддршка од своите поискусни колеги и се ова мислам дека може да се прави преку ЗНМ. Новинарството да се врати во редакциите. Потребно е ЗНМ да продолжи да биде критична организација. Да не допуштиме власта или регулаторот или другите центри на моќ, да ја загрозат слободата на изразување и да влијаат на независноста на медиумите. Затоа е потребно е да се обезбеди континуитет на работата на ЗНМ. На наредното собрание на ЗНМ кое ќе се одржи на 15ти декември, на барање на повеќемина колеги со кои разговарав ќе бидам еден од кандидатите за прв човек на здружението.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365