Американскиот технолошки гигант Meta објави промени во највисокото раководство, назначувајќи нов директор за маркетинг и прв директор за податоци во историјата на компанијата. Целта е уште поголем фокус на вештачката интелигенција и донесувањето одлуки врз основа на податоци.

Досегашниот директор за маркетинг, Алекс Шулц, е именуван за прв директор за податоци. Тој ќе биде задолжен за подобро користење на податоците и аналитиката во развојот на технологиите со вештачка интелигенција.
На неговото место доаѓа Дениз Морено, која досега беше потпретседател за потрошувачки маркетинг и развој. Таа има 17 години работно искуство во Meta и својата кариера ја започнала во тимот за имејл маркетинг.
„Во новата улога ќе се фокусирам на тоа да помогнам Meta да го промени начинот на кој учи и носи одлуки во ерата на вештачката интелигенција“, изјави Алекс Шулц.
Промените се дел од пошироката стратегија на Meta за поголеми инвестиции во вештачката интелигенција. Компанијата годинава планира да вложи до 145 милијарди долари во инфраструктура за вештачка интелигенција, додека истовремено развива и нови услуги базирани на оваа технологија.

















