Американскиот технолошки гигант Meta постигнал договор во САД со кој се предвидува компанијата да плати вкупно 17 милијарди долари како отштета и да воведе дополнителни мерки за заштита на децата на платформите Facebook и Instagram.
Договорот има цел да ги заврши судските спорови во кои компанијата е обвинета дека придонела кон зависноста на тинејџерите од социјалните мрежи и негативно влијаела врз нивното ментално здравје.
Во тужбите, кои ги поднесоа 47 американски сојузни држави, се тврди дека Meta намерно воведувала функции и дизајнерски решенија кои поттикнуваат зависничко користење на нејзините платформи. Дел од државите ја тужеа компанијата уште во 2023 година, а постигнатиот договор сега го прекинува и процесот во кој главниот извршен директор на Meta, Марк Закерберг, требаше да сведочи пред порота во Калифорнија.
Еден од најголемите поединечни износи ќе го добие сојузната држава Вирџинија, на која Meta според договорот треба да ѝ исплати 353 милиони долари. Државниот обвинител на Вирџинија, Џеј Џонс, изјави дека компанијата со години ја доведувала јавноста во заблуда во врска со функции кои можат да создадат зависност и да им наштетат на младите.
Обвиненијата опфаќаат и тврдења дека Meta незаконски собирала податоци за деца помлади од 13 години без согласност од нивните родители. Шефот на Instagram, Адам Мосери, претходно ги бранеше напорите на компанијата за подобрување на безбедноста на децата и заштитата на нивната приватност.
Според предложениот договор, Meta ќе треба да воведе низа дополнителни безбедносни мерки, меѓу кои ограничување на времето што децата го поминуваат на Facebook и Instagram, како и задолжителни паузи при користењето.
Компанијата засега не го коментирала договорот, кој може да претставува значаен пресврт во начинот на кој големите социјални платформи ги третираат прашањата поврзани со безбедноста и благосостојбата на младите.































