Ботовите сè почесто ги надминуваат реалните луѓе меѓу најактивните посетители на страниците на водечките хрватски издавачи, преземаат содржини за потребите на системите со ВИ и отвораат ново, важно прашање за медиумската индустрија: како да се заштити и монетизира вредноста на содржината?
Токму со оваа тема ќе се занимава конференцискиот дел од 14-то издание на SoMo Borac powered by Aleph. Хрватското здружение на дигитални издавачи (HUDI), водечкото стручно здружение за онлајн медиуми и дигитално огласување, во програмата го носи Биргер Сејланд, раководител за партнерства со издавачи во TollBit, а на програмата се приклучуваат и Наташа Вајаѓиќ, раководителка на страницата “Seksizam naš svagdašnji” и програмска координаторка во “CGI Poreč”, како и Катарина Екле, директорка за услуги кон клиенти и раководителка за дигитални комуникации во агенцијата “Cvoke”. Тие своите предавања ќе ги одржат на 23 октомври во “Tvornica kulture” во Загреб.
Наташа Вајаѓиќ во предавањето „Може ли социјалната мрежа да го менува све(то)т?“ ќе ги сподели искуствата од проектот “Seksizam naš svagdašnji”, кој денес го следат неколку десетици илјади луѓе, а неговата содржина бележи речиси три милиони прегледи месечно. Преку примерот на проектот таа ќе го постави прашањето што се случува кога постојано им укажувате на луѓето на нешта што можеби дотогаш воопшто не ги забележувале и до кој степен содржините на социјалните мрежи можат да влијаат врз она што утре ќе го сметаме за прифатливо, а што повеќе нема да го толерираме.
Биргер Сејланд речиси две децении работи во медиумската индустрија, а денес во TollBit глобално го раководи работењето со издавачи. TollBit им помага на издавачите да го следат и управуваат со користењето на нивните содржини од страна на системите со ВИ, како и да остваруваат приходи од таквото користење. Во предавањето „Трендови на сообраќајот од ботови во Хрватска“ тој ќе ги претстави податоците што ги собрале во соработка со HUDI за сообраќајот генериран од ботови кај водечките издавачи во Хрватска, како и трендовите што ги откриваат овие податоци и можностите за монетизација на новиот тип посетители кои ги заменуваат луѓето како најбројни посетители.
Во предавањето „Дај ми нешто што не знам ни дека го сакам“, Катарина Екле ќе се осврне на она што се случува кога алгоритмите сè поуспешно ни го прикажуваат токму она што го сакаме, поради што содржината на „feed“-от изгледа исто. Екле има повеќе од десет години искуство во агенцискиот свет, во текот на кои работела на кампањи за брендови како Nestlé, IKEA, Molson Coors и Kaufland. Преку конкретни примери на брендови кои успеале да ја прекинат оваа предвидливост, таа ќе објасни како да се пронајде неочекуваното, без тоа да стане случајно, и како преку креативна идеја да се излезе од шаблоните кои публиката, категоријата и платформите веќе ги познаваат до совршенство.
SoMo Borac powered by Aleph ќе се одржи на 23 октомври во загрепската “Tvornica kulture”, каде што, покрај конференцискиот дел од програмата, ќе ги собере водечките имиња од регионалната дигитална, маркетинг и медиумска индустрија и ќе ги награди најдобрите дигитални проекти. Билетите за настанот се достапни на официјалната страница на SoMo Borac.













