Креативната агенција proof. се издвои како најголем победник на 11. издание на бугарските IAB MIXX награди за 2026 година, освојувајќи најголем број награди на едно од најзначајните натпреварувања за дигитален маркетинг и комуникации кај нашиот источен сосед. Настанот, организиран од струковната организација IAB Bulgaria, ги награди најуспешните кампањи и креативни достигнувања на бугарскиот пазар во изминатата година.
Годинашното издание на натпреварот предизвика значително поголем интерес кај индустријата, со 20% повеќе поднесени пријави и 25% повеќе агенции во споредба со претходната година. Зголемениот интерес дополнително ја потврдува растечката важност на дигиталниот маркетинг и креативните комуникации во регионот.
Церемонијата на доделување награди се одржа на 14 мај и обедини претставници од огласувачката, медиумската и дигиталната индустрија. Пред официјалниот настан, на 12 мај беше организирана и онлајн фестивалска програма со учество на бројни експерти од областа на креативноста, стратшкото планирање и дигиталните комуникации.
Победниците беа избрани од меѓународно жири составено од етаблирани професионалци од индустријата, а финалистите и наградените кампањи беа оценувани според критериуми како креативност, ефективност, иновативност, технолошки пристап и влијание врз публиката. Организаторите истакнаа дека годинава конкуренцијата била особено силна во повеќе категории.
Иако агенцијата proof. освои најголем број признанија во вкупниот пласман, најмногу златни награди оваа година доби Publicis Groupe Bulgaria со пет златни награди. Зад неа се најдоа proof. со четири и OZONE со три златни награди, потврдувајќи ја силната конкуренција меѓу водечките агенции и брендови во дигиталната индустрија.
Три бугарски проекти ќе ја претставуваат земјата на MIXX Awards Europe 2026, за време на церемонијата во живо во Амстердам, која годинава ќе се одржи под мотото „Once In, Always In. Made to belong. Built to last.“ Меѓу избраните проекти се „5 leva“ на OZONE, „The Awakener’s Team“ на Publicis Groupe Bulgaria и „Chief sleep officer“ на proof.
Преку овој натпревар, IAB Bulgaria продолжува да ја развива платформата како професионален стандард за дигитални комуникации и простор за препознавање на кампањи кои ги поставуваат идните трендови во индустријата. Организаторите истакнуваат дека целта на натпреварот е да поттикне иновации, креативност и нови пристапи во современите маркетинг комуникации.
Целосната листа на наградени кампањи и агенции, по натпреварувачки категории, е достапна на следниот ЛИНК.















