Организаторите на Меѓународниот огласувачки фестивал Golden Drum 2026 ги објавија првите говорници кои ќе настапат на овогодинешното издание во Порторож, Словенија. Програмата ќе обедини истакнати професионалци од областа на креативното лидерство, брендирањето, дизајнот и технологијата, кои ќе ги споделат своите искуства и успешни практики со посетителите.
Меѓу најавените говорници е Михнеа Георгиу, кој годинава ќе биде воведен и во “Golden Drum Hall of Fame”. Како еден од најпознатите креативни лидери во светската огласувачка индустрија, тој ќе зборува за креативното лидерство, градењето успешни тимови и претворањето на амбициозните идеи во кампањи што добиваат меѓународно признание.
На фестивалската сцена ќе се претстават и Бенјамин Симон и Дирк Шустер, коосновачи и креативни директори на студиото FOREAL. Познати по својата работа за глобални брендови како Google, Adobe, Netflix, Meta и Nike, тие ќе објаснат како дизајнот, технологијата и раскажувањето приказни се спојуваат во создавање препознатливи бренд-искуства.
За време на своето предавање, Симон и Шустер ќе ја откријат позадината на својот креативен процес, покажувајќи како соработката, дизајнерската вештина и стратешкото размислување придонесуваат за развој на впечатливи визуелни идентитети и успешни комуникациски кампањи.
Организаторите најавуваат дека во наредниот период ќе бидат објавени и нови говорници кои ќе го збогатат овогодинешното издание на фестивалот. Golden Drum 2026 ќе се одржи во октомври во Порторож, каде што ќе се соберат креативци од целиот свет за размена на идеи, инспирација и прослава на најдобрите достигнувања во рекламната и комуникациската индустрија. Регистрирајте го вашето учество на следниот ЛИНК.

















