Стриминг платформата Netflix постигна историски договор за да ја преземе американската медиумска компанија Warner Bros. Discovery, обединувајќи ја најголемата платена стриминг-платформа во светот со едно од најзначајните холивудски студија. Вредноста на договорот изнесува околу 82,7 милијарди долари во вкупни деловни услови, при што акционерите на Warner Bros. ќе добијат по 27,75 долари по акција, во комбинација од готовина и акции на Netflix.
Објавата доаѓа по недели на засилена напнатост во индустријата, додека големите играчи, меѓу кои и Paramount и Comcast, се обидуваа да се позиционираат за можност за спојување. На крајот, можеби Netflix ќе ја „извојува“ победата, освојувајќи ги стриминг-платформите и студиските капацитети на Warner Bros. Discovery.
Пред аквизицијата да стане конечна, Warner Bros. Discovery ќе ја заврши одамна планираната поделба на својата кабелска дивизија, во која се вклучени телевизиски мрежи како CNN, TNT, TBS, HGTV и Discovery+. Според Netflix, ова одвојување се очекува да биде финализирано во третиот квартал од 2026 година, додека пошироката аквизиција ќе се затвори 12 до 18 месеци по поделбата, зависно од регулаторните одобренија.
За Netflix, компанија која традиционално се воздржуваше од големи преземања, овој потег претставува драматичен стратешки пресврт. Договорот го става HBO и неговиот наградуван каталог на филмови и серии под капата на Netflix, заедно со обемните студиски комплекси на Warner Bros и франшизи што ја обликуваа популарната култура – од „Хари Потер“ и „Пријатели“ до „Сопранови“. Компанијата наведува дека ова „здружување“ значително ќе го прошири нејзиниот креативен опсег и глобален културен досег.
Netflix исто така истакнува дека ќе ги зачува постојните киносали на Warner Bros и ќе вложи дополнителни средства во продукцијата на содржини во САД, предвидувајќи заштеди од 2 до 3 милијарди долари годишно во рок од три години. Платформата, која веќе има повеќе од 300 милиони претплатници, дополнително ќе добие пристап до 128 милиони корисници на HBO Max, создавајќи ја една од најмоќните медиумски структури во светот.
Сепак, спојувањето сè уште треба да помине низ опсежни регулаторни проверки во САД и Европа. Претседателот на САД, Доналд Трамп, веќе изрази загриженост околу големината на обединетата компанија, напоменувајќи на настан во Вашингтон дека „големиот пазарен удел“ на Netflix и размерите на аквизицијата „можат да претставуваат проблем“.
Во меѓувреме, ситуацијата дополнително се комплицираше со појавата на контра-понуда, внесувајќи уште поголема драма во борбата за иднината на Warner Bros. Discovery. Имено, конкурентниот медиумски гигант Paramount Global понуди целосно готовинска аквизиција вредна 108 милијарди долари за целосно преземање на компанијата, вклучувајќи ги нејзините продукциски капацитети, платформата на HBO, но исто така и кабелскиот телевизиски оддел (што не беше опфатен во договорот со Netflix). Оваа цифра значително ја надминува вредноста на договорот со Netflix објавен пред неколку дена.
Дали ќе биде испочитуван договорот со Netflix, дали Paramount ќе им ги помеша плановите, или пак сè ќе „пропадне во вода“ пред американските регулаторни тела?

















