Home » Во фокусот » НОВА СПИН ОФ КОМПАНИЈА НА ФЕИТ: Vison Dynamix со тродимензионално мапирање со дрон

НОВА СПИН ОФ КОМПАНИЈА НА ФЕИТ: Vison Dynamix со тродимензионално мапирање со дрон

Автономната навигација на дрон за креирање тридимензионални мапи е новиот предизвик на спин-оф компанијата Вижн дајнамикс (Vison Dynamix), која од вчера почна да работи на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Компанијата е формирана од професори и студенти на Факултетот, врз база на магистерска работа која предвидува ЗД мапирањето со употреба на СЛАМ алгоритам да се развие во комерцијален производ. Крајниот продукт би бил комплетно хардверско и софтверско решение кое најголема примена би имало во геодезијата, катастарот, градежништвото, но и во имплементација на системи за автоматска навигација и управување.

”Отсекогаш ме интересираше авијацијата и затоа ја избрав оваа област како најблиска до мојата пасија. Продуктот кој што го развиваме претставува систем за 3Д мапирање на простор во реално време. Ваков продукт моментално не е присутен на пазарот во светот. Идејата е со користење на најсовремени алгоритми за симултано локализирање и мапирање, да направиме систем кој во реално време ќе креира тродимензионална мапа на околината со употреба на повеќе сензори и компјутер на самото летало”, објаснува магистер Душко Муртовски, ко-сопственик и проект менаџер во компанијата.

Со магистерската теза се покажало дека е можно да се развие целосен систем за реалновременско 3Д мапирање реализиран на беспилотно летало. На развојот на овој производ покрај сопствениците на компанијата ќе работат и тројца студенти кои се очекува да дипломираат во наредните месеци.

„Ова, за мене како професор, е сериозен предизвик, кој заедно со колегите, ќе го реализираме. Нашиот продукт е иновативен. Младите се занимаваат со сериозни модерни ангажмани, а во исто време, ќе продолжат со својата до-едукација на магистерски или докторски студии во рамки на компанијата. Ова е еден од најдобрите начини за нивно задржување во Македонија. Доколку на факултетите се отворат што поголем број на вакви компании и тие ангажираат млади инженери бројот на младите кои одат во странство исклучително ќе се намали“, вели Миле Станковски, професор на ФЕИТ.

Компанијата Вижн дајнамикс доби целосна поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој.

„Фондот е државна институција која обезбедува финансиска поддршка на македонските претпријатија со цел да спроведат активности за истражување, развој на иновативни решенија и нивно пласирање на пазарот. Досега, Фондот поддржа 37 претпријатија со вкупен износ од 1.5 милиони евра. На последниот повик беше избран за финансирање и проектот на Вижн Дајнамикс, кое работи на развивање и продажба на нова посовремена и попрецизна технологија и давање значително подобрена услуга во областа на градежништвото и геодетскиот сектор. Особено значајно е тоа што компанијата е едно од ретките спин оф претпријатија кои произлегуваат од универзитетите, односно чие иновативно решение потекнува од научно-истражувачка работа на магистранти и професори на ФЕИТ. Ваквите претпријатија се особено значајни бидејќи го пренесуваат знаењето од  високо-образовните и научно-истражувачки институции во Македонија во приватниот сектор и овозможуваат негова комерцијализација. Се надеваме дека и други тимови од студенти и професори од факултетите ќе ги искористат можностите за финансирање до 100.000 евра по проект кои ги нуди Фондот на најновиот повик и ќе започнат сопствен бизнис чија конкурентска предност ќе се потпира токму на креативноста на тимот. Со ова на најдобрите студенти им даваме можност да ги комерцијализираат нивните истражувања и да се вработат по студиите“, објаснува Јасмина Поповска од Фондот за иновации и технолошки развој.

Компанијата ја има целосната поддршка од Факултетот за електротехника и информациски технологии, којшто ја негува науката и во голема мерка ги развива и претприемачките способности на своите студенти. Потврда за тоа е и фактот што повеќе од половина досегашните грантови за финансирање на старт ап и спин оф компании од Фондот за иновации и технолошки развој ги добиваат сегашни и поранешни студенти на ФЕИТ. При последното доделување на грантови за развој на нови компании, два од четирите гранта се на компании поврзани со ФЕИТ.

Една од најчесто спомнуваните компании за автономна навигација е Google со нејзиното автономно возило, потоа компанијата Tesla која произведува електрични автомобили со автопилот за самостојна навигација и избегнување на препреки. Освен нив, слични решенија развиваат и голем број стартап компании од целиот свет.

Автор Marketing365

Маркетинг365 (М365) е прв македонски портал кој во фокусот ја има маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. Формиран е во 2011 година и во своето досегашно постоење има добиено неколку домашни и меѓународни признанија вклучувајќи ги и “Блог на годината“ (прво место, 2011 и 2015 год.), “Највлијателен балкански блог кој доаѓа од Македонија“ (прво место 2012) и “Најдобар бизнис-информативен веб сајт“ (второ место, 2014). Почнувајќи од февруари 2015 година, Маркетинг365 е официјален претставник во Македонија на најпознатиот светски креативен фестивал Cannes Lions. Тимот на М365 го сочинуваат активни професионалци од маркетинг, медиа и ПР индустријата во Македонија. e-mail : contact@marketing365.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

Marketing365 Marketing365 Marketing365