Home » Во фокусот » OMEGA ја одбележува 50-годишнината од слетувањето на Месечината со ексклузивен модел на Speedmaster

OMEGA ја одбележува 50-годишнината од слетувањето на Месечината со ексклузивен модел на Speedmaster

Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе кои стапнале на Месечината на 21 јули 1969 година. Нивната „прошетка“ траеше само два и пол часа, но нивниот успех остави траен печат врз историјата на човештвото. Во тој ист момент, OMEGA Speedmaster Professional стана првиот часовник кој бил носен на Месечината.

Мисијата на Аполо 11 е секако најзначајниот момент во богатата вселенска историја на OMEGA, но тоа патување започнало повеќе од десет години порано, во 1957 година, кога бил произведен првиот OMEGA Speedmaster.

Благодарение на квалитетниот дизајн, часовникот Speedmaster станал прв избор за пилотите од американските воздухопловни сили. Многумина од нив потоа станале и првите астронаути на НАСА, како на пример Валтер Шира, кој својот личен Speedmaster CK2998 го носел за време на мисијата Маркур – Атлас 8 во 1963 година. Орбитирајќи шест пати околу Земјата, овој часовник станал првиот OMEGA носен во вселената.

Во 1964 година, НАСА oбјавила конкурс за избор на официјален часовник за своите астронаути. Се пријавиле повеќе брендови, вклучувајќи го и OMEGA. Часовниците биле подложени на серија тестови за издржливост, но само Speedmaster на OMEGA успеал да ги помине сите. На 1 март 1965 година, овој модел бил прогласен за официјален часовник на амриканската вселенска програма и нејзините мисии, вклучувајќи ја и историската Аполо 11.

По комплетирањето на славниот лет, OMEGA се одлучи да произведе специјална верзија на часовникот во 18-каратно злато и прстен од анодизиран алуминиум во бордо боја. Овој часовник, модел Speedmaster BA145.022, бил презентиран на свечената гала-церемонија за мисијата Аполо 11 на 25 ноември 1969 година во Хјустон, Тексас. Од него биле произведени само 1,014 парчиња, од кои првите два часовници ги добиле тогашниот претседател и потпретседател на САД, Ричард Никсон и Спиро Егњу, а следните 25 парчиња биле доделени на астронаутите на НАСА.

OMEGA Speedmaster BA145.022 од 1969 година.

За вистинските фанови на OMEGA, Speedmaster BA145.022 сé уште претставува еден од најубавите и најценети модели во историјата на брендот.

Оваа година, со цел да се одбележи 50-от јубилеј од човечкото „освојување“ на Месечината, OMEGA ќе прозиведе нови 1,014 парчиња од овој модел, со неколку мали промени.

Новиот јубилеен OMEGA Speedmaster BA145.022 од 2019 година.

Како и претходно, останува куќиштето од 18-каратно злато, меѓутоа во посебна легура (18K Moonshine) со малку побледа боја, со цел да се долови вистинската боја на Месечината на ноќното небо. Прстенот во бордо боја, претходно изработен од анодизиран алуминиум, сега ќе биде изработен од керамика, додека пак механизмот Calibre 861 ќе биде заменет со новиот Calibre 3861, кој ќе биде видлив од задната страна под сафирен кристал.

Секој од часовниците ќе доаѓа со кутија која ја симулира површината на Месечината со своите кратери, чиј распоред ќе биде уникатен за секоја кутија посебно. Меѓутоа, на секоја од нив ќе биде прикажано и т.н. Море на спокојството, местото каде што слета легендарниот Аполо 11.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365