Германскиот бренд на спортска опрема Adidas ја избра Omnicom Media Group за нов глобален медиумски партнер, по завршувањето на годинешниот ревизиски процес на договорот за медиумско планирање и закуп на брендот.
Со ова завршува долгогодишната соработка со групацијата WPP, која преку агенцијата EssenceMediacom досега беше задолжена за спроведувањето на овој сегмент од огласувачките активности на Adidas.
Во рамките на Omnicom Media Group, соработката со Adidas ќе ја предводи агенцијата PHD. Со ова, брендот за спортска опрема се приклучува на листата клиенти на PHD, која во моментов ги вклучува и Google, Volkswagen, Audi и 7-Eleven.
Ова е уште еден голем успех за Omnicom Media Group во текот на годинава. Во март компанијата беше избрана и за глобална медиумска агенција на Dyson, а неодамна IBM ја назначи за свој глобален партнер за медиумско планирање и закуп на огласувачки простор.
Фокусот на новата соработка со Adidas ќе биде ставен на користење податоци, напредна аналитика и современи технолошки решенија за поефикасно планирање и реализација на маркетинг кампањите.
Вредноста на медиумскиот договор на Adidas се проценува на околу 512 милиони американски долари.































