Од организацијата на најголемиот креативен фестивал во светот, Cannes Lions, соопштија дека овогодишното издание на фестивалот е планирано да се одржи со физичко присуство.
Настанот е закажан за деновите од 21 до 25 јуни, при што ќе бидат вклучени и низа на дигитални елементи – аспект на фестивалот кој веќе постои од 2016 година.
Овогодишното издание на Cannes Lions ќе наградува две години на креативност, поради минатогодишното одложување на настанот. Имено, можност за пријавување на натпреварувачкиот дел од фестивалот ќе имаат сите кампањи ланирани помеѓу март 2019 и април 2021.
„Повеќе од 65 години, Cannes Lions го поставува бенчмаркот за големи креативни дела, а после разочарувањето поради одложувањето на изданието во 2020 година, со нетрпение очекуваме да ги претставиме тие дела пред жирито во јуни,“ истакнува Симон Кук, управен директор на Cannes Lions.
Претседателот на Cannes Lions, Филип Томас, додава дека: „Иако патувањата во моментов се ограничени, достапноста на повеќе вакцини дава надеж дека ќе можеме да бидеме заедно во јуни, дури и ако треба да го ограничиме бројот на делегати кои ќе можат безбедно да присуствуваат. Ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме состојбата и да одржуваме редовни комуникации со властите во Франција, но има многу други меѓународни настани планирани за истиот временски рок, и од разговорите со претставниците на глобалната индустрија е јасно дека сите сакаат да се сретнеме повторно заедно. “