Американската медиумска групација Paramount Skydance е на чекор до преземање на Warner Bros. Discovery во зделка вредна 111 милијарди долари, откако конкурентот Netflix официјално се повлече од процесот на наддавање. Со тоа се отвора патот за една од најголемите потенцијални консолидации во современата медиумска индустрија.
Од Warner Bros соопштија дека подобрената понуда на Paramount е „супериорна“ во однос на онаа на Netflix. Од Netflix истакнаа дека иако аквизицијата останува стратешки привлечна, понудената цена повеќе не е финансиски оправдана.
Во својата финална понуда, Paramount понудил 31 долар по акција во готовина, како и дополнителни финансиски гаранции, вклучително и покривање на трошоците за раскинување на претходниот договор со Netflix. Со тоа ја надминал претходната понуда на Netflix, проценета на околу 82 милијарди долари, која опфаќала дел од средствата и долгот.
Доколку регулаторите ја одобрат зделката, Paramount би стекнал целосна контрола врз филмските студија на Warner Bros, нивните франшизи, како и стриминг-платформата HBO Max, покрај телевизиските мрежи како CNN и Food Network. Аналитичарите оценуваат дека ваквата консолидација може суштински да го преобликува американскиот, но и глобалниот медиумски пејзаж.
Сепак, процесот сè уште не е финализиран. Државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, предупреди дека договорот „не е завршена работа“ и дека е отворена регулаторна ревизија. Покрај американските власти, неопходно ќе биде и одобрување од европските регулатори.
Со оглед на тоа што Paramount е поддржан од технолошкиот милијардер Лери Елисон, а компанијата ја води неговиот син Дејвид Елисон, предложеното спојување отвора низа прашања за концентрацијата на моќ и иднината на водечките информативни и забавни мрежи на глобално ниво.
















