Zoom Communications Inc. ја избра независната огласувачка агенција PMG, основана од македонско-американскиот бизнисмен Џорџ Попстефанов, за своја прва глобална агенција за медиумски услуги, со што започнува нова фаза во стратешкиот развој на компанијата. Одлуката доаѓа во период кога Zoom се трансформира од платформа за онлајн-состаноци во интегрирана, ВИ-ориентирана работна платформа.
Компанијата има амбиција да понуди брзи, практични и хуманоцентрични ВИ-решенија што им овозможуваат на корисниците – од индивидуални претприемачи до големи корпорации – поефикасно да соработуваат и да ги унапредуваат работните процеси. За остварување на овие цели на глобално ниво потребни се напредни медиумски стратегии и аналитички капацитети.
Клучен елемент во изборот на PMG бил нејзиниот сопствен оперативен систем Alli, кој обединува обработка на податоци, предвидување, мерење на перформанси и детално известување. Според Витни Магнусон, раководителка за бренд-стратегија и активација во Zoom, компанијата барала партнер што ќе може да ја следи динамиката на иновациите и да ги претвори технолошките решенија во мерлив деловен резултат.
Во рамки на партнерството, PMG ќе обезбедува глобална поддршка преку интердисциплинарен тим кој ќе работи на целокупната маркетинг-стратегија – од градење свесност до поттикнување конкретни деловни резултати. Соработката опфаќа стратешки насоки базирани на податоци, деловни анализи и специјализирани истражувања.
Основачот и извршен директор на PMG, Џорџ Попстефанов, истакна дека визијата на Zoom за редефинирање на современото работење преку практична и достапна вештачка интелигенција е во целосна согласност со пристапот на PMG кон интелигентен и резултатски ориентиран маркетинг. Партнерството, како што нагласи, има за цел да постави нови стандарди во начинот на кој луѓето се поврзуваат и соработуваат на глобално ниво.















