Стриминг-платформата Netflix ја проширува својата огласувачка понуда преку ново партнерство со Amazon, кое на брендовите ќе им овозможи да ги таргетираат гледачите врз основа на детални податоци за нивните потрошувачки навики.
Огласувачите кои купуваат рекламен простор преку платформата Amazon DSP наскоро ќе можат да допрат до публиката на Netflix користејќи информации за пребарувањата, купувањата и интересите на корисниците во екосистемот на Amazon.
Новата интеграција најпрво ќе биде воведена во САД во вториот квартал од 2026 година, а подоцна се планира нејзино проширување и на други пазари каде што Netflix нуди претплатничка услуга со реклами. Преку системот Amazon Audiences, брендовите ќе можат да идентификуваат групи гледачи чие онлајн однесување укажува на конкретни потрошувачки интереси.
За разлика од традиционалното телевизиско огласување, кое најчесто се потпира на демографски категории или на контекстот на програмата, новиот пристап овозможува таргетирање врз основа на реални навики на потрошувачите. Со тоа, рекламните кампањи можат да бидат насочени кон публика која веќе покажала интерес за одредени производи или категории.
Во исто време, Netflix ја зајакнува и својата технолошка инфраструктура за огласување со нови алатки за попрецизно мерење на резултатите од кампањите. Компанијата воведува сопствен Conversion API, кој овозможува податоците за перформансите на кампањите директно да се испраќаат во системот на Netflix, што овозможува оптимизација во реално време и попрецизно следење на ефектите.
Во раните тестирања спроведени со американската агенција Tinuiti, кампањите оствариле повеќе од 75% подобри резултати во споредба со стандардните индустриски показатели во секторите на финансиските услуги, аd-tech индустријата и малопродажбата.
Партнерството со Amazon е дел од пошироката стратегија на Netflix за развој на сопствена напредна огласувачка платформа, која треба да се натпреварува со веќе воспоставените дигитални огласувачки екосистеми.














