Не помина ни октомври, а веќе почнуваат да пристигнуваат првите Божиќни кампањи – очигледно, празничната сезона и годинава нема намера да чека декември…
Луксузниот моден бренд Prada го означува почетокот на оваа рана празнична трка со „Drawing Prada“, филм што ги спојува модата, рачно цртаната анимација и бајковитата атмосфера. Во него настапуваат Сејди Синк, Маја Хок, Чен Хаоју, Лутер Форд и Келвин Харисон Џуниор, во режија и со кинематографија на Глен Лачфорд.
Илустрациите ги предводи Џон Померој, аниматор познат по работата на класици како „Земјата пред времето“, „Сите кучиња одат во рајот“, „Палечка“ и „Покахонтас“. Неговиот препознатлив стил потсетува на златната ера на Disney, внесувајќи во кампањата чувство на носталгија, фантазија и детска љубопитност. Комбинацијата од вистински актери и рачно цртани ликови создава свет во кој модата и анимацијата се надополнуваат.
Облечени од глава до петици во Prada, актерите се движат низ анимиран зимски пејзаж и комуницираат со низа симпатични животинчиња. Три разиграни глувчиња ѝ ја крадат чевлата на Сејди Синк, додека две зајачиња избираат пар брог чевли во кои ќе се сместат за спиење. Во една од позабавните сцени, налет на студен зимски ветер ја менува црвената свечена облека на Маја Хок во комбинација посоодветна за ниските температури.
Рачно цртаната анимација не е само визуелен избор, туку и важен дел од пораката на кампањата. Нејзината изработка ја нагласува поврзаноста меѓу уметничката вештина вложена во создавањето на анимираните ликови и мајсторството зад облеката и модните додатоци на Prada. Илустрираните суштества изгледаат речиси опипливо, а фотографиите од кампањата дополнително го истакнуваат рачниот пристап преку портрети на актерите поставени во илустрирани, необоени рамки.
Покрај главниот филм и фотографиите, Prada објави и видео зад сцената во кое Џон Померој го објаснува процесот на создавање на визуелниот свет и анимацијата. Со оваа кампања, брендот ја слави креативноста и човечката умешност, потсетувајќи дека зад магијата што ја гледаме на екранот стојат време, труд и вештина.














